Вонинституционалниот театар е неопходно да се развива, затоа што ослободеноста од железниот репертоар на институционалните театри дава друго огледало на денешницата што ја живееме. А тоа им е потребно не само на креативците туку и на публиката, вели Филип Николовски
Филип Николовски, програмски уредник во МКЦ
Почна 46-то издание на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ), во организација на Младинскиот културен центар. Фестивалската програма ќе се одвива во два блока, првиот е веќе почнат и ќе трае до 26 ноември, а вториот е од 2 до 7 декември. Фестивалот ќе опфати 26 театарски претстави со физичка изведба.
Каков 46. МОТ подготвивте годинава?
– Годинешново издание на МОТ е особен предизвик, бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Во такви услови, ние непоколебливо одлучивме да го правиме МОТ со комплетен репертоар во живо. Програмата е составена од 26 театарски претстави што го носат духот на „пандемиската“ продукција, односно работени во овој период, кога светот се соочува со најголемата здравствена криза во последните сто години. Ги поделивме во два блока, првиот посветен на меѓународна програма, во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и од Хрватска, а вториот, што е новитет по обемот на претстави, е просторот отстапен на МОТ за домашната независна продукција, која и во вакво неизвесно време се покажа многу агилна и продуцираше театар.
Како ги оценувате претставите годинава, од инспирација до реализација, од тема до краен продукт, со оглед на тоа што сѐ се одвиваше во услови на пандемија и театарски протокол?
– Пред сѐ инспиративен е квантумот на претстави, особено во независната продукција, кои се појавија годинава. Тоа за нас е знак дека ентузијазмот во театарот не умира и покрај тешките вонредни околности наметнати од ситуацијата во која живееме периодов. Диверзитетот во изразот и креативноста во пристапот на авторите е бонус, додадена вредност на целава приказна. Корона-лудилото по сите негативности што ги предизвика, очигледно дејствуваше мотивирачки на театарската креатива, а публиката на МОТ ќе има можност да ги погледне плодовите на таа креатива.
Отстапувате солиден простор и за независната домашна продукција…
– Поддршката на независната продукција е наш основен белег во целото постоење на МОТ. Вонинституционалниот театар е неопходно да се развива, затоа што ослободеноста од железниот репертоар на институционалните театри дава друго огледало на денешницата што ја живееме. А тоа им е потребно не само на креативците туку и на публиката. И многу ни е драго, бидејќи независните продукции во нас како институција МКЦ ја гледаат поддршката, а, следствено на тоа, и МОТ е местото за нив.
Беше ли тешко да се состави програмата, со оглед на целата пандемична состојба?
– Секој настан што го подготвувавме за време на пандемијата, а ги имаше стотици, само досега во 2021 година изведовме 500, за нас беше предизвик. Неизвесноста што ја носи начинот на живот сега, бара огромна флексибилност од наша страна, така и оваа година со МОТ. Но полните сали докажуваат дека успешно знаеме да го изведеме тоа. Предизвикувачки беше да се одлучи МОТ да биде комплетно во живо и, за среќа, продукциите што ги поканивме да дојдат во Скопје, се фатија на јадицата и, еве, повелете во ноември и декември да гледаме жив театар.
Какви бариери на умот урива годинешниот МОТ?
– Брехтовски кажано, годинава ќе гледаме театар што нѐ менува нас и нашите навики. Сите претстави се внимателно одбрани и повелете на МОТ да ја погледнете нашата селекција.