Посети го музејот
Спомен-домот на Блаже Конески се наоѓа во прилепското село Небрегово во Општина Долнени. Овој објект, како значаен споменик на културата, припаѓа на руралната архитектура. Оваа куќа е родниот дом на великанот на македонската книжевност и литература, академик Блаже Конески.
Неговата концепција е одраз на времето, просторот и поднебјето во кој е создаден и по сите процени е изграден кон крајот на 19 век или на почетокот на 20 век. Тоа е куќа на кат, објект од т.н. затворен тип, без посебно издвоен отворен дел од чардак. Помошните објекти што го заокружуваат економскиот живот на домаќините се сместени периферно на парцелата.
Во 2006 година бил изработен и реализиран проектот за реставрација, конзервација и ревитализација на објектот. Според проектот, куќата на поетот била уредена во духот на архитектонскиот стил од крајот на 19 век, кога и била изградена. Оградата и објектите во дворот биле обновени и го задржале својот автентичен изглед, а дел од собите биле претворени во музејски простории и места за културни средби.
Денес е меморијален и едукативен центар, отворен за поетски и духовни средби.