Во јавноста не стивнуваат реакциите по објавувањето на Годишната програма за култура и откако комисиите се состанаа во однос на некои забелешки. Ревидирана е само одлуката за фестивалот за деца „Златно славејче“, за кој сепак ќе има поддршка, но одлуката на комисијата останува непроменета за „Скопскиот џез-фестивал“ и „Оф-фест“, како и за продукцијата „Авалон“ и за фолклорниот фестивал „Пеце Атанасовски“, затоа што, како што рекоа од Министерството за култура, документацијата им била нецелосна. Другите дејности остануваат непроменети.
Вчера реагираше и Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Тие сметаат дека програмата, исто како и минатата година, придонесува за влошување на состојбите во издаваштвото и обезвреднување на работата на издавачите, авторите, преведувачите и другите професионалци во областа.

– МАИ ја оспорува годишнава програма поради внесување нов систем на бодување, кој е паушално применуван, без унифицираност и вистинска основаност; намалување на буџетите за реализација во голем број случаи во однос на минати години, постоење на двојни стандарди за одредување на износот со кој проектот е поддржан, што особено ќе се одрази во делот за авторски хонорар; отсуство на почит кон етаблираните издавачки куќи и нивно изедначување со новоформирани фирми; поддршка на проекти што воопшто не можат да бидат сметани за литературни, а не пак за литература со високи вредности и уривање на дигнитетот на авторот преку доделување рекордно ниски средства за реализација – велат издавачите и бараат нова распределба.

Реагира и директорот на МКЦ, Русе Арсов, кој кажа дека Младинскиот културен центар нема да зависи од буџетската поддршка и ќе настојува да ги реализира планираните активности, меѓу кои ќе има и гостувања на странски уметници. Во однос на финансирањето рече дека во културата е потребна комплетна промена на моделот на распределба на буџетот. Додаде и дека ќе ги обжалат одлуките за проектите за кои не се задоволни од резултатите во Годишната програма.

– Повеќе од десет години заговараме да се најдат нови модели на распределување на јавните средства. Тројца луѓе, колку и да се професионални, не можат да одлучат врз основа на 500, 600, 700 сектори за распределба на јавни средства. Треба да се работи на комплетна промена на моделот на финансирање и распределба на тие средства, а не за тоа да се решава во кабинети и во некои мали комисии, за кои не ја оспорувам нивната професионалност и стручност. Но музичката дејност не може да биде и фолклор, и класика, и естрада, и сè во едно, а фестивалот „Здраво, млади“ со пет илјади публика да добие нула денари – истакна Арсов.

Во однос на поддршката за „Млад отворен театар“, кој добил четири милиони денари, рече дека иако сметаат дека е малку, не можат да приговараат зашто според утврдениот критериум, за кој рече дека дознале неодамна, тоа е и максималниот ограничен износ за поддршка на театарски фестивал. Има очекување дека со приговор ќе ја поправи одлуката за „Синедејс“, што од Агенцијата за филм доби три милиони денари. Тоа на средба му го навестил директорот Горјан Тозија.

Реакција стигна и од општината Ресен и здружението на граѓаните „Езеро без граници“, кое веќе 16 години го организира интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“. Тие изразија длабока разочараност од одлуката со која „оваа иманентна културна одредница на европеизацијата на Балканот е избришана од Министерството за култура на Република Македонија“.

Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ остана без финансии од Министерството за култура.


Фолклористите ќе „настапат“ пред Министерството за култура

Од програмата е изоставен и Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ од Прилеп.
– Не можеме да веруваме дека останавме без денар поддршка од Министерството за култура за јубилејното 45-то издание. Ова е неверојатно. Никој не ни кажува зошто се случи да изостане поддршката за овој реномиран фестивал, кој е институција и на кој се негуваат македонскиот фолклор и традиција. Фестивалот не заслужува ваков третман – посочи во својата реакција Златко Лашкоски, секретар на фестивалот.
Оттаму најавуваат дека ако Министерството за култура не се премисли, ќе го одржат фестивалот пред објектот на Министерството.