Десет македонски документарни филмови ќе бидат прикажани како дел од програмата на годинашното 10-то јубилејно издание на фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“, најавија на вчерашната прес-конференција организаторите во МКЦ-Клуб и ресторан. Во делот на македонските документарци ќе биде прикажан „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гавранлиева, кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер. Проекција ќе има и документарецот „Манаки – приказни во слики“ на Роберт Јанкулоски, кој направи приказ на фотографските дела на првите балкански сниматели – Јанаки и Милтон Манаки.
Круна на македонската програма ќе биде премиерската проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Публиката со нетрпение го очекува во македонските киносали, а честа прв да го прикаже ќе ја има фестивалот „Македокс“. Филмот ќе биде прикажан на затворањето на фестивалот, ќе има две проекции на 28 август, а по проекцијата во „Куршумли-ан“ ќе следува концерт на групата „Фолтин“.
Како што најавија организаторите, оваа година филмската програма ќе содржи вкупно 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, а ќе бидат одржани и повеќе програмски активности од 21 до 28 август.
– Земја на фокусот е Германија, а работите судбински се наредија десеттото издание на „Македокс“ да се совпадне со стогодишнината од основањето на „Баухаус“ и 30-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид. За таа цел во програмата ќе бидат прикажани осум германски креативни документарци создадени во последните 20 години – велат организаторите.
Фестивалот ќе го отвори филмот „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/2019/92 минути) на режисерот Шејмус Марфи. Станува збор за автентично интимно патување низ инспирација, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви. По филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли, како специјална гостинка.
Фестивалот оваа година ќе се одвива под мотото „Десет лета Македокс“. За фестивалските награди „Кромид“, „Млад кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори. Главна тема на фестивалот е копродукцијата, како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците. Десеттото издание на фестивалот ќе се одржи од 21 до 28 август во „Куршумли-ан“ и МКЦ во Скопје, а проекции на филмови ќе има и во кината „Милениум“ и „Фросина“. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан“, „Кино култура“, МКЦ и Кинотеката на Македонија.