Дела на сликарката Пандора Апостолоска-Саздовска и на скулпторот Сашо Саздовски се селектирани за учество на интернационалната изложба за визуелни уметности „Проект биенале“, по што ќе бидат презентирани во културниот центар „Дон Орионе Артиџианели“ во Венеција, во првата недела од отворањето на годинешното, 58-то Венециско биенале.
Македонските уметници напоменуваат дека ова е нивно второ претставување во Венеција по 2014 година, кога со дела учествуваа на уметничкиот фестивал „Морфос“, за време на 14-то Архитектонско венециско биенале во палатата „Албризи“, при институтот „Гете“ во истиот италијански град.