Во галеријата „Ел Греко“, вечерва, во 19 часот, ќе се отвори изложба на Сашо Поповски. Сашо Поповски во периодот од 1991 до 1996 година студираше скулптура во Скопје и Мастрихт, усовршувајќи ја техниката со класичните материјали, работејќи во дрво и мермер, како и моделирање и леење во бронза. Почнува да изложува од 1989 година. Холандските професори Хан вон Ветеринг, мајстор за „груба“ керамика, и Јо Санес, мајстор за работа во бронза, извршија значајно влијание во неговото формирање.
Во галеријата „Ел Греко“, Поповски ќе се претстави со галериска пластика, што значи дека авторот во процесот на создавање го реализирал саканиот пластичен и визуелен ефект во целост. Изложените дела се создадени последните две години и претставуваат синтеза на неговите идеи и истражувања за неговото лично обележје во скулптурите. Скулптурите на Сашо Поповски имаат различни имиња и пораки и се како реакција или противење на континуираното уништување на животот и човекот во време на долготрајната криза во уметноста, како што истакна професорот Владимир Величковски.