Концерт на Љубиша Кировски, виолина/виола, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба. На концертот премиерно ќе бидат изведени композиции за соло-виолина и виола од авторите А. Пјацола, М. Трандафиловски, Х. Бибер, А. Дончев, Н. Паганини.

Љубиша Кировски дипломирал на ФМУ во Скопје, во класата на проф. З. Димитровски, во чија класа и магистрирал. Повеќепати концертирал како солист со Македонската филхармонија, честопати премиерно изведувајќи дела од македонски автори. Во 2001 г. настапува во Санкт Петербург, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“, со рецитал и со оркестарот на Санктпетербуршката капела.

Како солист со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, во 2006 година реализира концертна турнеја во шест града во Шведска. Настапувал и како солист со камерниот оркестар „Скопски солисти“. Кировски дејствувал како концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“. Од 2011 година Кировски е претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ).