Збирката раскази „Три дена во Париз“ од Емил Крстески, во превод на српски јазик, е промовирана во Нови Сад со убаво дружење и пријатен разговор.
– Збирката раскази сведочи дека Крстески „има око“, односно поседува сликарски талент, што е очигледно од неговите изложби, а во книгата и од оптичкиот квалитет на неговите секојдневни глетки. Ова е прва раскажувачка книга на Крстески, но по нејзиното прочитување, недвосмислениот впечаток е дека авторот додека ја создавал имал голем глад за пишување. Јунаците на неговите раскази умеат да ги видат и да ги опишат видливите, но и потскриените нијанси на надворешното и внатрешното живеење. Неговата проза има животен ритам. Книгата раскази „Три дена во Париз“ на Емил Крстески ќе ги привлече читателите што се духовити, човечни и противници на приватните и општествените репресии – ќе напише Александар Прокопиев кон македонското издание на „Или-или“ на книгата.
Според академик Катица Ќулавкова, авторка на поговорот, македонскиот современ расказ, оној на 21 век, има потреба да се „урбанизира“ без да биде „постмодернистички“ наметлив и вкалапен.
– Во време на масовна и хаотична, социјално вмрежена комуникација, расказот има потреба да биде комуникативен на свој, литерарен начин, има потреба да општи со доминантната матрица на социјалната, и на психолошката стварност на интелигенцијата, затоа што, да не заборавиме, македонската стварност не се исцрпува со изолирани теми, било тие да се историски, рурални, магично-реалистички, лудистички или феминистички теми… Расказите на Емил Крстески се вклопуваат токму во тој мозаик на којшто му недостигаат уште вакви изворни, лично обоени, речиси автофикциски, ама лежерни, симпатични, сугестивни прошетки низ градскиот живот – вели Ќулавкова.
Емил Крстески е новинар, прозаист, доктор на политички науки и сликар. Тој извесен период живее во Лондон, Стразбур и во Њујорк. Досега има објавено шест книги од областа на надворешната политика и меѓународните односи. Уште од гимназиските денови објавува поезија и проза во наши дневни и неделни весници и списанија.
„Три дена во Париз“ е негова прва книга раскази, која содржи 15 раскази, во кои навидум се опишуваат вообичаени случувања и односи во животот на луѓето и кои често се испреплетуваат со сонот и фикцијата.