Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп започна со реализација на проектот „Евиденција на приватни збирки“ од областа на библиотечната дејност, одобрен од Министерството за култура во програмата за 2023 г. Во Прилеп постојат повеќе приватни библиотеки што со текот на годините ги создале некои семејства. Љубовта кон пишаните дела го зголемува фондот на приватните библиотеки на семејствата со импозантен број книги, а традицијата за читање ја продолжуваат и помладите генерации. Некои од овие библиотеки претставуваат приватни (семејни) библиотеки, кои се создавани од една, две, па и три генерации и обично ги одразуваат интересите на сопственикот.
– Малкумина знаат дека речиси сите рани библиотеки биле приватни или полу-приватни. Најраните библиотеки им припаѓале на кралеви, храмови и други поединци и институции, и обично биле со ограничен пристап и им припаѓале на благородништвото, аристократијата, научниците или свештениците, а служеле и како архиви. Со развојот на граѓанската класа и на културно-просветниот живот во Македонија во средината на 19 век, повидните граѓани и културно-просветни дејци формираат свои приватни библиотеки. Луѓе од најразлични професии имаат особен интерес кон книгите, а како што и самите велат најголемиот извор на инспирација е токму од нив. Денес младата, па и дел од постарата популација повеќе сака да ги побара податоците на интернет-порталите и пребарувачите отколку да отиде до блиската библиотека и да ги побара потребните информации. Англискиот автор и новинар Нил Гејман совршено опишува што се случува во денешните дигитални времиња: „Гугл може да ви врати 100.000 одговори, библиотекарот може да ви го врати вистинскиот“ – вели Биљана Темелкоска од Заводот и музеј – Прилеп.
Поради ова, целта на проектот е двојна, евиденцијата да биде повеќе содржинска, а не само квантитативна. Голем број прилепчани во своите домови имаат големи библиотеки и вредни изданија.