Сашко Илов, фотограф и уметник
Сашко Илов-Дете е дипломиран професор по филозофија, долгогодишен ликовен уметник и фотограф. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е редовен учесник на тамошните фотоизложби. Член е на повеќе меѓународни здруженија на уметнички фотографии. Коавтор е на книгата со фотографии „Џоломарите“, заедно со Цветанка Темкова Илова и Гоце Давидов.
Колку е важно ваквите традиции да ги пресликаме на книга?
– Ние како општество имаме многу малку пишани материјали за нашето културно наследство. А за џоломарите немаме ништо во форма на книга или фотокнига. Тоа е основниот мотив за создавањето на оваа фотокнигата. Книгата го следи, документира и презентира ова наше живо културно наследство. Неизмерна е важноста да оставиме зад нас пишани траги за нашето постоење. Особено за настани што сме успеале да ги зачуваме во изворната форма до денес. Џоломарите се маска во која учествуваат само мажи и е остаток од паганската култура што била на овие простори. Луѓето од Бегниште успеале да ја задржат таа маска до денес непроменета. Таа е наше, но и светско богатство.
Неодамна освоивте втора награда на годишната изложба на Музејот за фотографска уметност во Темпа, со кое дело го придобивте жирито?
– Делото „Немири под мирното небо“ зборува за нашата опседнатост со самите себе и за нашата самотија. Претпоставувам дека одлучувачки за жирито бил спојот од темата за која зборувам и начинот на кој ја претставувам. Музејот има две главни мисии. Првата му е да ѝ ги покаже на публиката денешните тенденции во фотографијата, но и историскиот развој на истата таа. Втората му е да ги образува луѓето што ја сакаат фотографијата. Цело време организираат предавања. Ја обработуваат фотографската техника од сите аспекти почнувајќи од аналогната фотографија (работа со фотофилм и правење фотографии во темна комора), па сѐ до фотографија изработена со мобилен телефон.
Дали во Македонија има простор за создавање еден ваков музеј, потребен ли е посериозен третман кон фотографијата кај нас?
– Помешани ми се чувствата кога помислувам на оваа тема. Ние сме земја со значајна, богата историја на фотографијата. Го имаме Хаџи Косте, кој работел во Велес, бил зограф и на една од црквите што ги зографисувал се потпишал – Х. Косте, зуграф и фотограф 1855 година. За наша жал, за Косте ова е сѐ што знаеме. Ако претпоставиме дека оваа трага што ја оставил Косте е точна, тогаш доаѓаме до сознанието дека само 16 години од пронаоѓањето на фотографијата, Косте имал фотоопрема и ја користел. За жал, Хаџи Косте сѐ уште е енигма. Неговиот живот и дело чекаат да бидат проучени. Наша светла точка се браќата Манаки. За разлика од Косте, тие се проучувани и афирмирани, а дел од нивните дела ги имаме и зачувано. Да заклучам: имаме столбови и темел, уште ни недостига зградата врз нив. Имаме фестивал на филмска камера во Битола и во истата таа Битола замислете да изградиме специјализиран музеј. Ќе си покажеме на самите себе дека ние знаеме да ги цениме достигнувањата на нашите сограѓани.