Членовите на комисијата за наградата за најдобар книжевен превод „Драги“ го одржаа својот прв работен состанок и одлучија во првиот круг на селекција да влезат 22 изданија од 14 издавачки куќи, во превод на 23 преведувачи и од 11 различни јазици. Во вториот круг влегуваат: Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, Ана Неверова-Христова и Филип Христов за преводот од руски на „Злосторство и казна“ од Фјодор М. Достоевски, Горјан Костовски за преводот од англиски на „Страв од разделба“ од Гевин Бредли, Дарко Спасов за преводот од словенечки на „Агни“ од Борут Крашевец, Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, Ели Пујовска за преводот од холандски на „Пена и пепел“ од Јан Јакоб Слауерхоф, Живко Грозданоски за преводот од италијански на „Пред да падне ноќ“ од Силвија Векини, Звонко Димоски за преводот од полски на „За кентаурите“ од Зузана Гинчанка, Игор Поповски за преводот од шпански на „Смрт на Андите“ од Марио Варгас Љоса, Ирена Јурчева за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ.Р.Р. Толкин, Искра Бадева за преводот од норвешки на „Историја на пчелите“ од Маја Лунде, Калина Малеска за преводот од англиски на „Мали нешта како овие“ од Клер Киган, Катарина Ѓурчевска Атанасовска за преводот од англиски на „Даблинци“ од Џејмс Џојс, Катерина Шекутковска за преводот од германски на „Мачката Елеонора“ од Карен Јес, Катица Гароска Ацевска за преводот од француски на „Ти си поезија“ од Патрис Павис, Маја Стојаноска-Филдишев за преводот од англиски на „Град во облаците“ од Ентони Дор, Милан Дамјановски за препевот од англиски на избор песни „Адам Хоровиц“, Оливера Павловиќ за преводот од руски на „Градината“ од Марина Степнова, Томе Сиљаноски за преводот од англиски на „Белешки на еден стар гад“ од Чарлс Буковски и Филип Димевски за преводот од полски на „Човекот каков е, секој гледа“ од Мажена Матушак.
Комисијата, во состав Јана Михајловска (библиотекарка и претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија; претставничка од семејството на Драги Михајловски), Зорица Николовска (редовна професорка на Катедрата за германски јазик и книжевност и преведувачка; претставничка предложена од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и Владимир Јанковски (писател и преведувач, претставник предложен од издавачката куќа „Антолог“), истакна дека првичниот избор од 43 наслови е исклучително голем, и во однос на хетерогеноста на авторите и нивните преведувачки зафати, како и во пристапот кон преводот. Членовите дадоа позитивен поглед во однос на уредувањето на самите дела од технички и книжевен аспект, а и во однос на лектурата. Изборот на книжевни дела што влегуваат во следниот круг беше тежок, не само поради различниот стил и обем на делата, туку и дека е тешко да се прави квантитативна евалуација на различни книжевни родови.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од страна на издавачката куќа „Антолог“, со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје.