Бранко Брезовец ја поставува „Хамлет“ во прилепскиот театар

Во театарот „Војдан Чернодрински“ при центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се подготвува претставата „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Бранко Брезовец.Режисерот вели дека му е предизвик да го постави „Хамлет“ на сцената, врвно дело на англиската и светската литература, во кое се говори за опседнатоста на данскиот принц Хамлет со идејата да се одмазди за смртта (убиството) на својот татко, на сцената на прилепскиот театар, со кој соработува по третпат.
– Првата наша соработка „Антица“ беше многу успешна, а ја работевме опуштено и со заемно разбирање. На оваа битова драма ѝ пристапивме мошне спектакуларно, со модерен сценски јазик, а гостуваше во Загреб и во Лајпциг. Следната соработка беше „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, врвен текст на хрватската драмска книжевност.

Одлична претстава со врвни актерски интерпретации, со која театарот гостуваше неодамна во Загреб, при што публиката беше фасцинирана. Тоа покажа дека нашата заедничка доверба има цврст темел. И, сега, со „Хамлет“ се подигаме на врвот во драмската писменост. „Хамлет“ претходно го работев со ансамблот во Турскиот театар во 1995 година и таа претстава имаше извонреден ориентален призвук – вели Брезовец.

Хамлет не може да верува во задгробните пораки од татко му. Мора да види непосредно убиство, за да реагира, а не некој да му раскажува за тоа.
– Сега овде, во Прилеп, имаме одлична поделба што се темели на Глембаеви, а Глембаеви се некоја варијација на Хамлет. Тука ќе биде помал акцентот на проблемот на одмаздата, таа тема, во овие краишта, за среќа почна да се разгорува на почетокот на 2000 година. Во нашата претстава станува збор за проблемот на честа. Честа што за Хамлет е врвен морален принцип, овде не е отфрлена, но е релативизирана и како да се укажува на некои компромиси – вели режисерот.

„Да се биде или не“ како да се разлева во истовремено „и да се биде и да не се биде“.
– Станува збор за приближување на некој нов идентитет за кој веќе зборувал Ибзен кога човекот го споредил со кромид, а како што знаеме, кромидот се состои само од лушпи и нема цврсто јадро. Така и претставата нема да биде врзана за своето матично јадро, сцената, туку ќе се разлева низ целиот театар и ќе можете да уживате во микроиграта, во стеснетите простори и во вистинската патетика и благородна ширина на актерските гестови по должината на целото гледалиште и сцената. „Хамлет“ ќе биде претстава на жестока колективна игра, на цврста актерска екипа и заедничко уметничко разбирање, па не барајте од мене некого да издвојам – посочува режисерот Бранко Брезовец.

Премиерата на претставата ќе биде на средината на октомври. Ка.М.