Една фотографија – илјада зборови, но, има фотографии што ви ги одземаат сите зборови, сите противречни аргументи. Токму такви се и овие фотографии и подвижни слики на браќата Манаки – ова го изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на изложбата „140 години од раѓањето на Милтон Манаки 1882 – 2022“ организирана од битолското одделение на Државниот архив во НУ Завод музеј Битола.

– Од првото „Ателје за уметничка фотографија“ во Битола, купувањето на тристотиот примерок на камерата „Бајоскоп“ (Bioscope) во Лондон, до нивното кино „Манаки“, всушност е создадена историја, не само со културна и уметничка вредност. Од „Браќа мечтатели“ до „Браќа на светлината“, љубопитниот Јанаки и темпераментниот Милтон, биле хроничари на турбулентната прва половина од 20 век – додаде таа.

Инаку браќата Манаки ги овековечиле случувањата во кралските дворови во Букурешт, во Белград и на Османлискиот двор, оставиле и траен запис од илинденците, како и од страдањата на македонскиот народ во крвавиот период по Илинденското востание.

– Објективот не го испуштиле од рака – од Илинден 1903 до фашистичкиот пораз 1944 и влегувањето на македонските партизани во Битола. Со еднаква професионалност и страст направиле илјадници фотографии и подвижни слики и од кралеви и од селани, и од окупатори и од револуционери, и од порази и од победи, и од сити и од прегладнети, и од палати и цркви и од трошни куќи, и од дијадеми и од носии, и од царски балови и од народни игри и ора – рече Костадиновска-Стојчевска, која нагласи дека нивната културна оставина е историско сведоштво кое мора достојно да го вреднуваме и да продолжиме да го заштитуваме и од забот на времето и од заборавот.

– Ниту Балканот, ниту Европа, па дури ни светот, а најмалку ние, смееме тоа да го дозволиме. Зашто опусот на браќата Манаки, кои се основоположници на македонската кинематографија, над сѐ, има цивилизациска вредност – изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
М.М.