Фото: Маја Аргакиева

Националната галерија подготвува изложба на сликарот во мај

Изложба на делата на сликарот Мирослав Масин се подготвува во еден од објектите на Националната галерија на Македонија. За таа цел, директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, го посети ателјето на уметникот каде што се договараа деталите за претстојната поставка.
– Вообичаено, ателјеата на сите уметници се места во кои најубаво се чувствува специфичниот магичен свет на секој уметник, места што се светилишта на создавањето. А магијата на креацијата се чувствува во секој атом на сликите и другите уметнички предмети во ателјето на харизматичниот Миро Масин, чија изложба со задоволство ќе ја претставиме во мај во Националната галерија – сподели директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова-Ќерими, за време на посетата на ателјето на Масин.
Македонскиот сликар Мирослав Масин (р. 1963 година) дипломирал на Факултет за ликовни уметности, отсек сликарство во Скопје, во 1988 година. Член е на ДЛУМ и во периодот од 2000 до 2001 година бил претседател на ДЛУМ.
Бил на студиски престој во Велика Британија, Франција и во Чешка. Покрај самостојни изложби, Масин учествува во инсталации и перформанси, во видеоспотови, а негов е сценскиот дизајн на три претстави: во 1993, 1994 и во 2013 година, на мјузиклот „Пенелопе Икс“. Започнувајќи со самостојни изложби во 1988 година, Мирослав Масин досега остварил повеќе од педесет во земјава и во странство, меѓу кои во: Џенова, Париз, Стразбур и Мајен во Франција, Берлин, Лондон, Белград, Сараево, Зрењанин, Подгорица, Љубљана, и на други места. Масин изработил триесетина инсталации и перформанси, меѓу кои: „Мајмун-човек-мајмун“ (1986, Стара чаршија, Скопје), „Кафез“ (1992, КИЦ, Скопје), „Мајмун-човек-банана“ (1995, КИЦ, Скопје), „Миро и Емил“ (1997, Зоолошка градина, Скопје), „Цивилизација“ (2000, Чимелице, Република Чешка), „Три желби“ (2005, Зоолошка градина, Скопје), „City Point“ (2009, Нирнберг, Германија) и други.
Во галеријата на МКЦ во 2014 година во Скопје била отворена негова самостојна изложба, насловена како „Ашанте“, а истата таа била поставена и следната година во Нишкиот културен центар. Масин е актуелен и со сликањето на сѐ што го опкружува, а кое на јавноста ѝ го прикажа во 2019 година на изложбата насловена „Од кујната на Миро Масин“, која опфати 52 дела од разни циклуси создадени во претходните неколку години. Со изложбата „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт“ (2019, МАНУ), тој му се наврати на насловот на неговата монографија издадена во 2014 година по повод 23,5 години од неговото творештво „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт“, сметајќи го за наслов што ја означува неговата животна филозофија.
Лани во март во Офицерскиот дом во Битола беше отворена неговата изложба со наслов „Колку прекрасно!“, од колекцијата на фамилијата Филевски. В.Д.