Музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ завчеравечер продолжи со концерт посветен на истакнатиот македонски уметник, флејтистот Илија Зимбо. Во негова чест тројцата етаблирани музичари, обоистката Татијана Петрушевска–Караскаковска, фаготистот Марјан Милошевски и пијанистот Петар Макариевски обединети во „Пијано трио“ во црквата „Света Софија“, на публиката ѝ доловија сонати од Блаве, Пуланк и од Сен Санс, а во вториот дел од концертот го отсвирија „Патетичното трио“ од Глинка и „Триото за обоа, фагот и пијано“ од Пуланк. Тие на сцената покажаа истенчен моќен звук, висока интерактивност, прецизност и индивидуалност и виртуозност во изведбите.
– Зимбо беше исклучително искрен и посветен пријател и колега. Им веруваше на луѓето околу себе, веруваше на своите колеги, им веруваше на своите пријатели. Имено, таа симбиоза на пријателство и соработка на сцената доведе до тоа, во далечната 2014 година нашето трио да се формира и да оддаде скромна почит кон неговото севкупно творештво. И, еве, по речиси 10 години таа алка т.е. нашиот пријател Илија Зимбо, како и почитта едни кон други остана наш двигател и инспирација да продолжиме и понатаму да создаваме, но истовремено да им покажеме на новите генерации кои се вистинските вредности во животот – вели пијанистот Макариевски.
Првиот концерт како трио во чест на нивниот пријател и колега Илија Зимбо, членовите на овој музички состав го имаа во 2014 година на фестивалот Есенски музички свечености.
Илија Зимбо е роден во Охрид, 1969 година, а почина во Скопје во 2011 година. Тој е истакнат македонски солист, камерен музичар и прв флејтист во оркестарот на НОБ. Иако прерано згасна неговиот живот, останаа голем број настапи како солист, камерен музичар, настапи со оркестри во Европа и пошироко, тонски видеозаписи за МРТ, но и награди на голем број престижни натпревари. Неговата способност за експериментирање и поместување на границите на звучноста на флејтата беше инспирација за повеќе македонски композитори како Томислав Зографски, Љубомир Бранѓолица, Панде Шахов и Тома Манчев да компонираат специјално за Зимбо. Флејтистот Илија Зимбо беше дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ одржувајќи концерти во 1993, 1998 и во 2001 година.