Kонцертот насловен „Буица“, на кој како солист ќе настапи македонскиот виолинист Даниел Лазаревски, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Филхармонијата. Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-мол од Арам Хачатуријан и симфониската суита „Шехерзада“ од Николај Римски-Корсаков.
Арам Хачатуријан започнал да работи на Концертот за виолина и оркестар во Де-мол, посветен на Давид Ојстрах во летото 1940 година, и го завршил за само два месеца. Премиерната изведба на делото се случила на 16 ноември 1940 година во Москва, со оркестарот на Државниот симфониски оркестар на СССР под диригентската палка на Александар Гаук, како дел од десетдневниот фестивал на советска музика, на која и Дмитри Шостакович премиерно го претставил својот „Квинтет за пијано“. Снимката од изведбата на Ојстрах веднаш станала препознатлива во светот, а познатиот виолинист продолжил да го свири овој концерт уште многу пати под диригентската палка на композиторот.
Рускиот композитор Николај Римски-Корсаков ја напишал симфониската суита „Шехерзада“ во 1888 година и се базира на приказните од „Илјада и една ноќ“ (познати и како „Арапски ноќи“). Оваа суита е едно од најпопуларните дела на Корсаков. Делото во себе инкорпорира два типични сегменти за опусот на овој руски композитор – вивидната и колоритна оркестрација и интересот за ориенталниот Исток, кој бил доминантен во времето на империјална Русија. Името на суитата е извлечено од главниот женски карактер во „Илјада и една ноќ“.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.
Даниел Лазаревски завршува магистерски студии во 2010 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Љубиша Кировски, со највисока оценка. Дипломира на истиот факултет во 2009 година, во класата на професор Олег Кондратенко. Како солист настапувал со оркестарот на Македонската филхармонија, со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а исто така реализирал и настапи на фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“. Бил концерт-мајстор на Младинскиот симфониски оркестар и на Гудачкиот камерен оркестар на ФМУ, на Младинскиот гудачки оркестар од Црна Гора, прва виолина во оркестарот на Музичката младина на Македонија, во Европскиот гудачки оркестар во Шведска, во меѓународниот оркестар „Ноу бордерс“, со кој настапува во Србија, Франција, Словенија, Германија и со кој остварува снимање компакт-диск во издание на престижната издавачка куќа „Дојче грамофон“. Од 2013 година е вработен како прва виолина во оркестарот на Филхармонијата.