По Велигденскиот концерт на „Охридско лето“

Во духот на предвечерието на најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, НУ „Охридско лето“ приреди концерт на православна хорска музика со женскиот хор „Менада“ од Тетово. Под диригентската палка на професор доктор Ивица Зориќ настапија 21 хористка, кои изведоа православна духовна музика, со што дадоа свој придонес во одбележувањето на овој христијански празник токму во Охрид – градот чувар на македонското православие.
– Со големо задоволство ја прифативме поканата да учествуваме на овој концерт, со единствена желба да дадеме свој придонес, особено во овој катедрален храм, црквата „Света Софија“. Направивме ретроспектива на православна духовна музика. Имавме неколку византиски напеви, грузиски, македонски, грчки, но и напеви на други јазици. Вечерта ја заокруживме со ретроспектива на композиции што се во духот на повеќегласното црковно пеење, така што имавме нагорна линија на најсовремени композиции што се пишуваат сега. И на крајот завршуваме со молитва, со „Оче наш“, со желба што повеќе луѓе да го почувствуваат овој голем христијански празник. Се надевам дека секој понесе позитивна мисла од концертот – вели маестро Зориќ.

Тој целиот свој работен век го има посветено токму на женскиот хор „Менада“, како и на детскиот хор „Лале“, чиј основач е.
– Со „Менада“ годинава одбележуваме 43 години постоење. Јас сум од првиот работен ден со овој хор. Исто така работам и со детскиот хор „Лале“, кој исто така настапува во Охрид по разни поводи, а годинава одбележува 47 години постоење. Двата хора ги основав и раководам со нив сите изминати години. Ме радува што има интерес за нашите настапи. Тетово е град на хорската музика, но често патуваме и во странство. Досега имаме посетено повеќе од 20 земји – појаснува маестро Зориќ.

Со програмата што ја изведе на Велигденскиот концерт во организација на „Охридско лето“, женскиот хор „Менада“ во октомври ќе настапи во Истанбул, Турција. Во своето 43-децениско дејствување, овој хорски ансамбл прерасна во еден од стожерите во развојот и опстојувањето на хорската уметност кај нас.
В.Д.