Нова едиција
Книжевната едиција „Порта Европа“, во издание на „Арс ламина“, се состои од шест книги, сите добитнички на престижната Европска награда за книжевност последните неколку години, која ја доделува Европската Унија: „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен, „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак, „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер, „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ, „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира и „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер.
– Објавувањето на оваа едиција е засновано на еколошка заднина и во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар. Сите шест прозни дела во себе носат приказна од сопствениот културен контекст, а истовремено меѓусебно се допираат во интроспективните аспекти и отсликувањето на внатрешните борби на носечките ликови. Проткаени се со нишки од опачината на животот, се занимаваат со горливи проблеми и состојби во нашето современо општество: отфрленост, осаменост, ментални болести, кризи на идентитетот, самоубиство… – вели издавачот.
Пет од насловите се романи, шестиот наслов („Почитувани бубачки и други морничави приказни“) е збирка раскази. Заедничко за романите е тоа што се главно фрагментарни, но во рамките на тоа, секој од нив е сосема свој и различен.
– Шесте книги од едицијата „Порта Европа“ го носат свежиот европски книжевен здив во македонската преводна книжевност. Тие ни овозможуваат да фатиме чекор и ритам со она што се пишува во светот и она што се пишува кај нас; со она што се чита во светот и она што се чита кај нас – велат од издавачката куќа.
Бисера Бендевска на промоцијата ја подвлече необичноста на романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“, осврнувајќи се на неговата фрагментарност, на што Оливера Ќорвезироска, претставувајќи ги романите „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ и „Градина од стакло“, зборуваше за сличностите и разликите во овие две писма: норвешко и романско.
Ермис Лафазановски, преведувачот на „Градина од стакло“, истакна дека романот е многу занимлив, но и тежок за превод, но дека олеснителна околност му бил фактот што одлично ја познава таа средина, и јазично, но и лично.
При претставувањето на романот „Приказна за духовите“, Бисера Бендевска повторно се осврна на јазиците како крупни идентитетски обележја, зашто и во тој роман приказната е ситуирана на работ на два јазика што се испреплетуваат во судбината на главниот лик. Бендевска се осврна подетално и на поинаквата фрагментарност на романот „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира. Таа посебно го препорача овој роман како нејзин личен фаворит од едицијава.
На крајот, претставувањето заврши со збирката раскази „Почитувани бубачки и други морничави приказни“. Оваа „морничаво добра збирка“, Ќорвезироска ја нарече „посттранзициска готика на работ на апсурдот; вешт и оригинален омаж на Кафка, Чапек и други лектирни автори од светската книжевност“. С.Ј.