Годинашното издание на фестивалот на јапонска култура „Нихон-џи 2.0“ ќе се одржи на 27 мај, во „Мала станица“. Фестивалот е единствен по својата природа во земјата. За програмата, идеите и јапонската култура зборува Билјана Кочоска, дел од тимот што го организира фестивалот.
Што да очекуваме од годинешното издание на фестивалот „Нихон-џи“? Каква програма подготвувате?
– Она што публиката треба да го очекува од овој фестивал е славење на заедништвото, солидарноста и меѓукултурната соработка. Сакаме да покажеме дека културата е флуидна, како и дека различностите во националните култури значат богатство на диверзитет, дека умееме да научиме одредени концепти, навики и погледи на светот од други култури и да ги примениме во нашата со цел да ја унапредиме. Програмата опфаќа различни аспекти од јапонската култура, од храна и уметност, мода и гејминг, технологија и традиција, музика и роботика. Сакаме да го опфатиме и традиционалниот корен што дава уникатен белег на она што го нарекуваме јапонско, но и на поп-културните, современи текови како нова еманација на концепти што се трајни и непроменливи.
Има ли публика за фестивалот и што особено ја воодушевува?
– Постојано откриваме нови љубители на јапонската култура, нашата заедницата постојано се зголемува. Секојдневно се среќаваме со луѓе што имаат почит и развиен интерес кон јапонската култура. Може тоа да е специфичноста на формирањето на јапонските градини, особеноста на кабуки-театарот, етиката во роботиката, која Јапонците први ја развиле, или егзотичните боречки вештини, а може да е внимателниот пристап кон природата на јапонската современа архитектура, технологијата за справување со земјотреси, оригиналноста на јапонската мода, па кај младата публика најчесто е фасцинираноста со манга-стриповите и аниме-сериите со нивните содржини секогаш исполнети со неочекувани пресврти, добро разработени карактери и секогаш длабоко вкоренети вредности карактеристични за таа култура. Оваа древна култура има толку многу аспекти што не е ни возможно да се опфатат со еден фестивал.
Какво искуство ви беше првиот фестивал?
– Првиот фестивал беше неочекувано добро искуство, како за организаторите и учесниците така и за публиката. Кај сите, ентузијазмот можеше да се почувствува на мошне високо ниво. Потребата за еден ваков фестивал беше отсликана преку впечатливата бројка од околу 2.000 посетители, како и преку интересот покажан од оваа публика составена од различни генерации, но и со различни заднини и начини на живот. Фестивалот нуди содржини што можат да задоволат и сосема неповрзани вкусови, а тоа го прави единствен од својот вид кај нас. И самата не знам на кој друг настан би можело да се сретнат гејминг-натпревари, поезија, спорт и панел-дискусии на едно исто место.
Кој сегмент од јапонската култура сакате да ѝ го доближите на публиката?
– Јапонската култура има долга традиција и голем број животни филозофии што се покажале како добар рецепт за успех, дали зборуваме за дисциплина, постојано унапредување на личноста и општеството, ценење на природата, но и прифаќање на технологијата, општествената одговорност, скромноста и функционалноста, а сето тоа со постојана и голема почит кон естетиката. Нашата цел е да ги приближиме овие концепти и сознанија и да поттикнеме размислување како може истите тие активно да ги примениме при подобрувањето на нашата средина.
Од каква важност е да постои овој фестивал, какви гледишта ни отвора?
– Секое славење на културата е важно. Културата е душата на општеството и доколку се ограничиме само на базичните материјални потреби, сами се осудуваме на полумртво опстојување како држава, а со тоа и секој еден од нас граѓаните што го градиме ткивото на таа држава. Она што најмногу ни недостига тука е разбирањето на сопствената одговорност кон општеството, заедницата и целата наша околина. Свеста што ја имаме како човечки битија е дар и товар на одговорност за сè друго што ја нема таа привилегија да се осознае себе и светот околу себе. Секое чествување на различностите во културите е важно. Преку фестивалот „Нихон-џи“ сакаме да покажеме како различностите помеѓу македонската и јапонската култура умеат да нѐ сплотат, како и дека постојат многу нешта што би можеле да ги научиме преку ваков колаборативен интеркултурен проект, односно дека постојат многу принципи што се негуваат во едната култура, а би биле особено полезни за другата.
Колку се отстапува простор за супкултурните случувањa во Македонија?
– За жал, во Македонија и воопшто нема доволно простор за културните збиднувања. Кога ќе споредам што се случуваше тука пред 15 години, можам да кажам дека сега сè повеќе се отстапува простор за настани што се во својата основа комерцијални, па макар и насловувајќи ги како „културни“, отколку за чисто културни настани. За супкултурата, речиси и да нема никакво место, што е особено жално кога ќе земеме предвид дека токму супкултурата е двигател на иновациите во едно културно општество.