На програмата на годинешново осмо издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапункт“, кој е тематски насловен „Заробени во слободата“, гостува Мaргрет Гребович, која ќе одржи предавање проследено со дискусија на темата „Изумот на збогатувањето: кучиња, луѓе, храна и работа“. Настанот ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, во просториите на „Јадро“.
– Во сржта на односот куче – човек е храната. Но, денес, воопшто не е јасно што следува од овој добро увежбан факт на споделување храна помеѓу луѓето и кучињата. За да се обидеме да ја разбереме енормно сложената работа што се одвива во заднина на невиното име „храна за кучиња“, мора да се разделат мноштво реторички и семиотички различни видови учесници и инфраструктура. Како што пишува Лорен Берлан, за луѓето, „Имиџот на дебелината како феномен импровизиран од биополитичките експерти треба да се одвои од јадењето како феноменолошки чин и од храната како простор на експресивност, како и прехрана“. Како што сѐ повеќе и повеќе кучиња се класификуваат како дебели, во доменот на биополитичката експертиза, животот на кучињата ќе бара сè поблизок поглед на сложеноста на храната и многуте критични рамки и методи на истражување што таа ги бара – стои во најавата за предавањето.
Фокусот на професорката Гребович е континенталнaта филозофија. Таа ги истражува еколошката имагинација и желба. Гребович е особено заинтересирана за дивината, јавните земјишта, дивите животни и чувањето миленичиња. Во изминатите две години таа спроведува теренско истражување на јужната граница на САД, пишувајќи за миграцијата и зачувувањето. Таа го основала и сѐ уште го уредува серијалот „Практисис“ за „Дјук јуниверсити прес“, што содржи текстови за јавноста, од широк спектар на научници и практичари. Гребович е авторка на повеќе книги. Нејзините тековни авторски проекти ја вклучуваат книгата „Foraging“, во чиј фокус е потрагата по печурки и уште една книга за националните паркови на границата, насловена „Бордер саблим“. Гребович е родена во Полска и моментално е ангажирана во Универзитетот во Силесија во Полска. Пред тоа предавала во Сибир. Претходно, таа предавала на и на два американски колеџа – колеџот „Гучер“ и Универзитетот во Хјустон – Даунтаун. Во тоа време, во Тексас и во Њујорк таа работела и како џез-пејачка околу една деценија. Маргрет Гребович била и визитинг-стипендист на „Леверхулм Траст“ на Универзитетот во Данди, инаугуративен резидент по ситуирана филозофија на Државниот универзитет во Аризона и филозофија на фондацијата „Марк Сандерс“ во „Медиумски соработник“.
Како и во последните неколку години, КРИК ќе се одвива во неколку кластери низ годината, бидејќи обидот да ја живееме и поттикнуваме критичката култура не може да биде еднократен – тоа е влог што трае континуирано и постојано.
– Царството на слободата, како што често се нарекува од страна на многумина филозофи и антрополози, нашето општествено достапно слободно време, зависи од нашите институционални форми на живот и од тоа како ги одржуваме или менуваме тие институции. Нашите општествени институции не се нужно експлицитни, туку се секогаш имплицитни во она што го правиме и во сите форми на практичните идентитети. Сите активности што ги сметаме за суштински делови на еден практичен идентитет – како суштински делови на струката со која се идентификуваме – припаѓаат на царството на слободата, а времето што им го посветуваме се смета за слободно време. Дури и активностите што може да изгледаат поскоро како средства отколку како цели – на пример, стекнување макотрпно образование – спаѓаат во царството на слободата, сѐ додека образованието е суштински дел од она што значи да се биде посветен на струката – велат организаторите.
Во тимот се: Искра Гешоска, Артан Садику, Тијана Ана, Петар Милат, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Ѓорѓе Јовановиќ. В.Д.