Јајцата, кои чинат 100 милиони долари, се изложени во музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон
Рускиот милијардер позајми примероци од својата колекција
Британската влада го додаде на листата на санкционирани руски граѓани и милијардерот Виктор Векселберг, кој позајми едно од својата колекција фаберже-јајца за изложбата на музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон, преку фондацијата „Тајм линк“. За потребите на изложбата, тој им го даде на употреба царското велигденско јајце наречено „Пилешко јајце“, изработено во 1884 година за таткото на императорот Николај, кој ѝ го подарил овој подарок на царицата Марија Федоровна, пишува „Арт њуспејпер“.
Векселберг е руски милијардер роден во Украина, а неговото богатство се проценува на 9,3 милијарди долари. Тој е и сопственик на недвижен имот во Дубровник, вклучувајќи го и хотелот „Белведере“, кој чека реновирање. Во 2007 година во Дубровник се одржа изложбата „Фаберже Дубровник – богатство на царска Русија“, а меѓу експонатите беа и познатите царски велигденски јајца. Во 2004 година, Векселберг ја купи целата колекција од американскиот медиумски магнат Малколм Форбс и стана сопственик на дури девет од 42-те зачувани царски јајца создадени во златарницата „Фаберже“.
Лондонскиот музеј тврди дека одлуката на Владата нема да влијае на изложбата.
– Договорот за заем е постигнат со фондацијата со добра волја. Ќе се погрижиме сите предмети да бидат безбедно вратени по завршувањето на изложбата – велат оттаму.
Векселберг го купи „Пилешкото јајце“ во 2004 година како дел од колекцијата на Фаберже, која некогаш била во сопственост на Форбс. Неговите царски јајца фаберже се главно изложени во Музејот на фаберже во Санкт Петербург, кој одби да ги коментира воведените санкции.
Милијардерот претходно беше санкциониран од Европската Унија и од САД, па и лондонската галерија „Тејт“ ја прекина соработката со него. Векселберг дотогаш беше почесен член на фондацијата на „Тејт“, а во писмото до музејот рече дека му е драго што неговите донации придонеле за развојот на културните врски и дека ќе стори сѐ што е во негова моќ да го забрза враќањето на мирот.
Музејот „Викторија и Алберт“ за оваа изложба позајми многу уметнички дела од руски музеи. На пример, од Музејот на московскиот Кремљ доаѓаат јајцето „Московски Кремљ“ од 1906 година, „Јајцето од Александровата палата“ од 1908 година и „Јајцето на Романов триста години“ од 1913 година.
Од лондонскиот музеј велат дека ќе го следат развојот на ситуацијата во Украина, а руските институции сѐ уште не побарале да им бидат вратени позајмените експонати. Изложбата во Лондон, отворена пред почетокот на конфликтот, вклучуваше над 200 предмети, чија вредност беше невозможно да се процени. Изложбата наречена „Романс ту револушн“ ја прикажа една од најголемите колекции на легендарни царски јајца, дури 25 примероци, за кои се вели дека е најголемата колекција отворена за јавноста во последните 25 години.
Поставката ја раскажа приказната за Карл Фаберже и неговата поврзаност со романтиката, гламурот и трагедијата на руското царско семејство. За многумина непознати, примероците на изложбата ја истражуваат и англо-руската поврзаност на неговата компанија со единствената филијала надвор од Русија што беше отворена во Лондон во 1903 година. Кралското семејство, аристократите, американските наследници, прогонетите руски војводи, махараџи, финансиери со новостекнато богатство и луѓе од високото општество се собрале во неговата златарница за да си купат јајца како подароци, кои беа исто толку популарни во Британија, како и во Русија. Јајцата ги правел златар за руските императори во периодот од 1885 до 1917 година, а нивната вредност денес е невозможно да се процени.