Она што сакаме да го нагласиме е дека културно наследство не се само црквите, манастирите и архитектонските зданија, туку и музиката, танците, обредите, храната, природните локалитети, националните паркови и многу други работи. Културно наследство се и спомениците и делата на Чемерски, и изработката на ајварот, и Кокино, односно културно наследство може да биде сè што одредена заедница смета дека е од исклучителна важност за неа, вели Филип Петковски, претседател на „Вулгус“
ВУЛГУС е ново здружение за истражување, заштита и промоција на културното наследство базирано во Скопје. Главните задачи на здружението вклучуваат промоција на градење капацитети, создавање и промовирање продукции поврзани со изведба на нематеријалното културно наследство и организирање настани, работилници, конференции и симпозиуми, чија цел се промоција и издигање на свеста за културното наследство на заедниците што живеат во Македонија. Тимот на ВУЛГУС се состои од етнокореолози, етномузиколози, фолклористи, музеолози, експерти за културно наследство и истражувачи заинтересирани за проучување и промоција на културното наследство, кои имаат долгогодишно искуство со етнографски истражувања.
Разговаравме со Филип Петковски, Мартина Максимовска и Дени Синадиновски – основачи и членови на „Вулгус“.
Како се наметна потребата за основање на „Вулгус“, здружение за истражување, заштита и промоција на културното наследство?
Дени Синадиновски: Потребата за основањето на нашето здружение се роди поради револт инициран од тековната состојба на статусот на нематеријалното културно наследство во нашата држава, за кое ништо не се презема. По впишаните четири репрезентативни елементи во УНЕСКО и гласоечкото пеење, на кое му е потребна ургентна заштита, ниту една институција, од 2017 година наваму, нема преземено никакви напори, ниту за заштита, ниту за промоција на одредени културни практики. Понатаму, статусот на Охридскиот Регион, кој наскоро може да се најде на листата на природни богатства во опасност, беше и друг индикатор дека културното наследство мора дополнително да се промовира, како и да работиме кон тоа да се зголемат видливоста и значењето на културното наследство, не само кај институциите туку и кај локалните заедници. По препорака на нашиот претседател Филип Петковски, кој нè покани да соработуваме, го формиравме „Вулгус“, за да почнеме да ги промовираме овие теми. Нашиот тим е составен од етнокореолози, етномузиколози, професионални играчи и пејачи од ансамблот „Танец“ и експерти за културно наследство, но сакаме да напоменеме дека секој што би сакал да се занимава со оваа тематика, може да стане член на здружението и да придонесе на одреден начин. Наскоро ќе имаме јавен повик за нови членови и очекуваме да се зголеми тимот.
Какви проекти и задачи си давате за заштита и промоција на културното наследство?
Мартина Максимовска: За почеток подготвуваме едукативни презентации на темата „Што е тоа културно наследство“, кои ќе се случат во текот на 2023 година, во соработка со десет институции и невладини организации што покажаа интерес за соработка. Целта на овој проект е да се доближиме до различни групи луѓе од различна возраст, етничка припадност и религиозна вероисповед и да ги мотивираме не само да го чуваат своето културно наследство туку и да се обратат до надлежните институции и до УНЕСКО, а со тоа да ја издигнеме свеста за постоењето на нематеријалното културно наследство и неговата важност. Понатаму, наша цел е да ги поттикнеме младите да развијат желба и интерес за проучување на нематеријалното културно наследство и да придонесеме кон создавање едуцирани кадри што ќе придонесат во оваа област. Исто така, ќе работиме на тоа да бидеме позитивен пример на вмрежување институции што се занимаваат со истражувачка и практична работа, не изоставувајќи ги албанските, турските, ромските, бошњачките и другите институции во државата што не се доволно вклучени во вакви проекти. „Вулгус“ ќе биде вклучено во активностите поврзани со културното наследство во проектот „Скопје европска престолнина на културата во 2028 година“, а бидејќи сме новоформирано здружение, сè уште немаме други договорени проекти, но секогаш сме расположени за соработка.
На кои културни оставини им се потребни поголемо внимание, грижа, заштита?
Филип Петковски: Следејќи го примерот на УНЕСКО, кој се фокусира на пристап одоздола-нагоре, оставаме самите заедници што се занимаваат со некакви културни практики што ги сметаат како културно наследство, да одлучат дали им се потребни заштита и промоција. Ние сме тука да им помогнеме да го започнат тој процес, да ги едуцираме за важноста на културното наследство, за можностите за негова заштита, промоција, одржливост, вклученост во локалните економии и туризмот, но не и да им диктираме што да прават. Кога станува збор за материјалното и природното културно наследство, низ Македонија постојат голем број објекти и локалитети на кои им е потребна итна заштита, не изоставувајќи ги и Охридскиот Регион и Охридско Езеро. Во изминатиов период се зборува за акведуктот, за поштата во Скопје, за манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, меѓутоа списокот на објекти прогласени за културно наследство на Македонија вклучува околу 1.300 објекти и локалитети на кои им е потребна заштита. Тука важна улога игра Управата за заштита на културното наследство на Македонија, која подготвува елаборати и управува со националниот регистар. Меѓутоа, самиот податок дека овие објекти, локалитети и културни практики се наоѓаат на некаква листа или регистар, не значи дека работата е завршена, бидејќи со текот на времето се јавува потреба за реставрација, интервенција и итна заштита за тие да опстојат, а тука треба да дејствуваат институциите, вклучувајќи го и Министерството за култура.
Кога станува збор за издигнување на свеста кон значењето на културното наследство, на што конкретно сметате дека треба да се стави фокус?
Филип Петковски: Она што сакаме да го нагласиме е дека културно наследство не се само црквите, манастирите и архитектонските зданија туку и музиката, танците, обредите, храната, природните локалитети, националните паркови и многу други работи. Културно наследство се и спомениците и делата на Чемерски, и изработката на ајварот, и Кокино, односно културно наследство може да биде сè што одредена заедница смета дека е од исклучителна важност за неа. Статусот на нематеријално културно наследство прво треба да дојде од самата заедница, односно тие сами да гледаат на доброто како културно наследство, па потоа државата, па УНЕСКО, па светот. Тоа е нешто што малкумина го знаат, па наша задача е да ги појасниме ваквите работи преку настаните на кои планираме да работиме во иднина. Понатаму, преку промоција на терминот културно наследство, се надеваме дека постепено и со текот на времето ќе се заменат употребата и промоцијата на терминот фолклор, кој веќе од деведесеттите години на XX век не е во употреба во светот, но во нашата земја сè уште се користат термини како фолклорно наследство или духовно наследство, кои се несоодветни. За крај, би сакале да нагласиме и дека статусот на УНЕСКО признаено културно наследство не значи дека отсега, па натаму УНЕСКО ќе се грижи за негова заштита и дека заедниците и државата веќе не требаат да преземаат ништо. Баш напротив, УНЕСКО е само еден вид бренд и налепница што се користи за промоција и за здобивање културен капитал, но културното наследство и понатаму мора да се чува и да се преземаат локални мерки за негова заштита.