Неодамна реновираната галерија „Кортолд“ во Лондон повторно ја изложи познатата слика „Бар кај Фолие-Берже“ на Едуар Мане, која повторно го буди интересот на љубителите на уметноста. Салон, или салонот во Париз, бил најголемиот уметнички настан во западниот свет од 1725 година. Сликата „Бар кај Фолие-Берже“ на Едуар Мане била изложена во 1882 година и оттогаш возбудата околу неа не престанува. Самиот формат, 120 x 90, бил скок од тогашните стандарди. Многу поголем отколку што се практикувало. Сликата предизвикала многу прашања. Зошто на барменката ѝ е здодевно, кој е човекот чиј одраз се гледа во огледалото, зошто се гледаат шишиња француско пиво во барот…?
– За оваа слика и за она што Мане се обидел да го изрази со неа се напишани голем број книги. Оваа слика никогаш не престана да ги фасцинира луѓето. На изложбата инаку ќе бидат претставени и дела од Сезан, Ван Гог, Гоген, Реноар и Моне, но сликата на Мане е „ѕвезда“ на поставката – вели Ернт Вегелин, директор на галеријата „Кортолд“ во Лондон, каде што е изложено делото.
Фолие-Берже
Изградена како опера во модернизираниот 9-ти арондисман во Париз и отворена во 1869 година, „Фолие-Берже“ бил симбол на сè модерно, но и ризично во париското општество од крајот на 19 век. Тоа бил простор за секаков уметнички израз, од оперети и актови на маса до гимнастички изведби и скокотливи изведби. Мане го обожавал ова место и таму поминувал часови, опивајќи се со сликари, музичари и писатели. Свесен дека умира, тој го насликал последниот поздрав не само до Фолие-Берже туку и до декадентниот свет што го сакал.
Зошто на девојката ѝ е здодевно
Сузон, моделката на Мане, навистина работела во барот и сликарот без сомнение ја запознал во „Фолие-Берже“. Но нејзиниот став – уморна жена, со празен израз и малку провокативен изглед – е плод на имагинацијата на уметникот.
Зошто перспективата не е најдобра
– На прв поглед сè изгледа некако „искривено“. Меѓутоа, колку подолго ја гледате сликата, искривувањето исчезнува – вели Вегелин, директорот на лондонската галерија.
Уморната девојка потпрена на шанкот е предимензионирана и доминантна. Нејзиниот одраз во големото огледало со позлатена рамка, додека разговара со господин со шапка, кој би можел да биде самиот Мане, не е на вистинскиот агол. Мане точно знаел што сака, што било утврдено со рендген. Сликата претрпела неколку промени, вклучувајќи и прекрстување на рацете на шанкерката, поместување на девојката до центарот на сликата и намерно искривување на перспективата. Се поставува прашањето зошто ја искривил перспективата. Многу е веројатно дека сакал да го прикаже хаотичниот „модерен“ свет од крајот на 19 век, каде што многу работи немале смисла.
Мане имал 50 години во 1882 година и бил делумно парализиран поради компликации предизвикани од сифилис. Во самиот локал правел скици, а потоа реплика на просторот во студиото. Лесно се уморувал.
– Мане ја сликал многу бавно, што може да биде и причината поради која изгледа како што е – објаснува Вегелин.
Колку вреди една слика
Со години сликата стоела над клавирот на композиторот Емануел Шабрие, близок пријател на Мане, кој имал 14 негови слики, а кој, пак, ѝ ја посветил сонатата на сопругата на Мане. Со текот на времето сликата дошла во сопственост на Семјуел Кортолд, англиски индустријалец, колекционер на уметнички дела и основач на институтот „Кортолд“, кој ја купил во 1926 година за 22.600 фунти (денешни 1,4 милион фунти). Денес, сепак, таа е непроценлива.
– Не можете да ја процените нејзината вредност. Таа е апсолутно непроценлива. Нема повеќе вакви слики – истакнува Вегелин.