Младата уметница Марија Трајаноска беше актуелна со изложбата „Просторот во мене, јас – насекаде“. Нејзините слики се експлозија од поставени прашања за нашето битисување, нашата осаменост во целината, но и нашето присуство во празнината. Тие се лава што протекува од вулканот на внатрешниот пејзаж, вели уметникот Никола Пијанманов, опишувајќи ја изложбата.
Трајаноска дипломира во 2019 година, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, во класата на Антони Мазневски, на насоката Сликарство – отсек конзервација и реставрација. Добитничка е на студентската награда за инвентивни достигнувања во областа на сликарството „Борко Лазески“ во 2019 година. Досега имала две самостојни изложби и има учествувано во неколку заеднички.
Кои дела влегоа во селекција на „Просторот во мене, јас насекаде“?
– Оваа е моја втора самостојна изложба и, секако, ја доживувам успешно. Убаво е за уметникот еден творечки период да го заокружи со изложба преку која ќе согледа до каде е, што е, како е. Во текот на целата година творев активно, сите интимни моменти се запишани во сликите. Пред изложбата направив селекција на дела што сметав дека се ликовно најуспешни и содржински го доловуваат тој изминат период, функционираат секое посебно, но и како целина што го раскажува моето внатрешното доживување на секојдневието.
Што е уметноста ако не громогласен шепот на длабока душа, која тихува во лудилото на стварноста, вели Пијанманов за вашата изложба. Со ваши зборови, за каква изложба станува збор?
– Изложбата беше мало подѕирнување во мојот внатрешен свет. Она што не можам да го опишам со зборови или немам храброст да го кажам е визуелно прикажано во делата.
Што најсилно ви ја поттикнува инспирацијата?
– Не сум сигурна, веројатно животот. Секако, не барам нешто да ме инспирира, па да почнам со работа, туку едноставно имам потреба од творење…
Која е вашата почетна точка на создавање едно дело?
– Поривот за творење е првиот чекор. Најпрво оставам да ме води инстинктот, кога ќе дојде делото до точка каде што осознавам кон каде одам, преземам повеќе контрола околу ликовно-техничкиот дел, секако во корист на идејата. Целата композиција ја заокружувам со фигура.
Се сметате себеси за сликарка или за уметница?
– Веројатно сум и двете. Ако создавам уметност, сум уметник и не е важно дали сум сликар (дали ќе биде делото насликано) или ќе најдам некој друг израз за нејзиното создавање.
Има ли уметник или уметност што индиректно влијаат на вас и вашиот развој како уметница?
– Конкретно не би можела да издвојам никого. Потсвесно веројатно сум извлекла по нешто од секој уметник или уметнички правец со кој сум се сретнала и оставиле трага во мојот творечки израз.
Се отстапува ли доволно простор кај нас за млади уметници?
– Па, да, простор секако има, само прашање е колку се творечки подготвени уметниците…