Од утре, меѓународниот центар за уметност „Арт-поинт Гумно“, во с. Слоештица, Демир Хисар, ќе ги отвори портите за сите љубители на уметноста што сакаат да ги запознаат уметниците и да ги видат делата создадени за време на 20-та интернационална уметничка колонија. На креативното гумно престојуваат и творат шест уметници од земјава и од странство: Памела Тол од САД, Беате Куне од Германија, Синиша Новески, Јасмина Главинче, Владимир Симоновски и Сандра Котевска од Македонија.
– Фокусот на колонијата годинава е во знакот на уметноста и природата, односно како уметноста може да ја промовира природата, која сама по себе е најсовршениот уметник. Преку творечки дијалог и со иновативни уметнички реализации во различни медиуми, од кои дел е инспириран од локалната традиција, уметниците создадоа дела што предизвикуваат восхит – велат организаторите.
Памела Тол е сликарка сонувач. Таа работи на пејзажи од нејзиното опкружување. Тоа е просторот што таа искрено го пренесува на хартиите или платното, понесена од чинот на радоста на создавањето. Беате Куне ги истражува процесите и енергиите на природата преку апстрактни линии и форми. Нејзините слики прикажуваат континуирана палета на бои и импресивна рамнотежа, нудејќи му на гледачот хармонично визуелно откритие. Македонскиот скулптор Синиша Новески и овој пат, инспириран од македонската традиција, создава скулптури од дрво и прачки што нѐ потсетуваат на болните идентитетски прашања. За Јасмина Главинче, важноста на еколошката тема во нејзината работа е клучна, бидејќи таа е единствената супстанција за позитивни промени во општеството, реинвенција на нашата соработка со природата. Така, таа свесно избира да испреплетува и повторно да користи различни материјали создадени од самата природа, парадигмата на уметноста. Владимир Симоновски ги реинкарнира старите отфрлени предмети, давајќи им нова смисла и форма што пулсираат во духот на современото време-невреме. Сандра Котевска е уметница што преку своите дела ги истражува и ги истакнува духовните и чувствителните вредности и убавини на човекот. Само тие се состојби со кои животот добива вредност и длабока оправданост.