Слушам вести на радио во кои се вели: извршните тела на ДУИ едногласно го предложија Талат Џафери за технички премиер Албанец во стоте дена пред почетокот на изборите.
Понатаму, Таравари ќе размисли дали ќе се приклучи кон албанскиот опозициски блок за наредните претседателски и парламентарни избори.
Исто така, другите албански опозициски партии деновиве ќе ja приложат својата стратегија врзана за изборите што следуваат.
Во која држава живееме? Може некој да ми каже дали во државава постои некои друг блок, освен овој албанскиот?
Да, има. Видени од страна се наредени како ѕиден мозаик. Има помали има и поголеми. Постои македонски блок, има српски, турски, ромски, бошначки има и други, ама многу помали наречени човек партија или еден човек еден блок. Интересна состојба, просто човек да не верува! Како дојде до сето ова, чија идеја беше и од што се направени сите овие блокови? Не се знае чија беше идејата, во почетокот се собираа мали етнички групации, потоа полека-полека растеа како печурки по дожд. Како што растеа така и апетитите се зголемуваа за на крајот да дојдеме до оваа состојба.
Интересна и чудна состојба. Дали во блиското опкружување постои такво нешто, етнички партии и блокови?
Нема, ние сме единствените што се одликуваат со такво нешто, некои го нарекуваат македонска салата. Пред малку ме прашавте од што се направени блоковите? Материјалите се различни, препорачливо е да се направени од јак материјал, да биде цврст како гранит, односно монолитен, да има тежина мисловна и дипломатска. Одамна се потврдило и вистина е, од ронлив материјал не се прави партиски или политички, уште помалку етнички блок.
При разни етнички турбуленции (кај нас етникумот е многу битен) тешко се наоѓаат политички решенија, тоа е исто како кога во една улица или булевар во одреден период од денот или ноќта се создава метеж од возила и тогаш може да се случи соодветна случка меѓу две или повеќе возила. Така и овде. При мал контакт меѓу блоковите се случуваат неубави работи. Блокови што се направени од ронлив материјал, нормално повеќе се оштетуваат. При вакви состојби најмногу страдаат малите партии, кои се третирани како колатерална штета. Зошто колатерална штета? Знаете, одлика на малите партии или блокови е во тоа што тие имаат навика да се прилепуваат кон поголемите блокови и при нагло вртење некои од нив се одлепуваат и летаат како птици. Оттука колатерална штета.
Во моментов кој блок е најголем, со тоа и најважен?
Македонскиот блок е најголем, најважен не би рекол. Знаете, македонскиот блок работи во две смени, кога едната смена се наоѓа долу другата е горе, кога таа од горе се симнува долу, логично таа од долу по инерција оди горе. И така сѐ по ред. Во ваквите патувања се случуваат жестоки расправии, како, зошто сакаш брзо да одиш горе, а бавно кон долу. Едни велат едно евро за нас кога сме горе другото евро исто за нас, без разлика дали сме горе или долу.
Македонците што работат во две смени зошто не почнат да дејствуваат во една смена и да направат историски и национален блок?
На таквото прашање не знам да одговорам. Има ли некој што знае? Секако дека има. Кој е тој? Не тој, туку таа. Историјата е таа што знае зошто Македонците не сакаат и не можат да работат во една смена, притоа почитувајќи ги правата на сите други етнички блокови. Сакаш да кажеш дека македонскиот блок е направен од ронлив материјал и не е монолитен. Не, не сакам да ви го кажам тоа. Делови од македонскиот блок, исто како и во другите етнички блокови, е од квалитетен материјал, би рекол одличен и монолитен. Сепак нешто го кочи, не знам што е, можеби периодот во кој минуваме е таков или нешто друго е во прашање. Едно е сигурно, луѓето од двете смени се скромни, добронамерни и дарежливи, не се шкрти, знаете мек народ. Лошата работа е што некој од едната смена често непотребно како пијана кокошка ја витка кичмата.
Како е можно во толку мала земја да има толку многу блокови, има ли место за сите?
Место има за сите, не може да кажеме дека располагаме со безграничен простор, блоковите понекогаш се потиснуваат, често од триењето извираат искри ама се поминува. Непријатната работа е таа што блоковите се сместени покрај граничните премини од државата Македонија. Во прва пригода и шанса претставници од сите етнички групации фаќаат магла, бегаат надвор, одат во белиот свет во потрага по парче леб. Државата може да остане без своите граѓани. Знаете, многу работи се поставени наопаку.
Како наопаку? Нели промовираме демократија, зошто да им пречиме во изборот. Дома или не знам каде. Како што рековте, треба да ги оставиме граѓаните да се прошетаат во белиот свет, ќе поработат некое време, ќе заработат нешто паричка и после каде ќе одат? Ќе се вратат дома, каде на друго место би отишле! Тоа ќе биде добро и за нив и за државата. Навистина ме интересира кое е твоето мислење?
Моето мислење е кога со криминални пари одиш по светските плажи и убави девојки ве служат скапо вино, тоа е лошо за државата. Во име на тие што се принудени да одат во белиот свет за да преживеат, да пробаме нешто друго. Граѓанска опција во која ќе бидат гарантирани сите права на етничките заедници што живеат во државава и сите заедно да одиме напред.
Пријателе, забораваш една работа. Сега ние во рацете држиме тегла мед. Нели е прекрасно да ја отвориш теглата, со прстот да брцнеш во медот, потоа да лизнеш. Има ли нешто подобро од тоа? Подобро можеби нема, ама полошо има. Секогаш кога една етничка заедница се користи за интересите на мала група лидери тоа е лошо. ДУИ помпезно го предлага Талат Џафери за технички премиер Албанец. Зошто етничката припадност се става на прво место? Секогаш кога остануваме во трлото на етничкиот табор сите сме губитници. Што има лошо во тоа и како – губитници? Нели гледаш како луѓето одат надвор, ќе се прошетаат во една земја потоа во друга и пак ќе се вратат дома. Родното место е мило и не се заборава, нели и ти го мислиш истото тоа? Речиси така да помислам. Но, пријателе, да ти кажам една друга работа. Како Бујар Османи ни ја претскажува иднината и ни вели. Наредниот потег ќе биде Албанец технички претседател на државата. Зошто Бујар Османи игра само на картата технички претседател Албанец, зошто не реален и вистински? Само за тоа треба да се биде лојален кон државата што ви ги нуди сите удобности. Кога Османи оди во Шпанија, како министер за надворешни работи на Република Македонија, и кај властите од Шпанија се обидува да лобира за признавање на Косово, притоа заборавајќи дека Шпанија грчевито се бори да не дозволи отцепување на дел од нејзината територија и создавање друга држава.
Ама ваквите јунаци заликуваат како современи дон кихотовци што се борат со статични и неупотребливи ветерници и тогаш кога на видикот нема повидок за ветер. Етничката карта нуди привремени и лажни надежи, никако демократски и просперитетни.
Коле Манев