ВО БИБЛИОТЕКАТА НА СТРАНСКИТЕ ЛИТЕРАТУРИ ВО МОСКВА

Дистопискиот роман „Бродот. Конзархија“, објавен во едицијата „100 словенски романи“, беше претставен во Центарот на словенските култури со таков интерес што беше договорено наесен да се одржи посебна книжевна средба посветена на овој македонски роман.
Романот во превод на истакнатата преведувачка Олга Панкина го објави центарот за книга „Рудомино“ од Москва.
– Станува збор за книга што ми донесе голема сатисфакција со оглед на тоа што се изразив себеси – сметам на еден начин којшто, еве, барем мене како автор ме задоволува: не се базира само на изразувањето на сопственото авторско его, на интимата и така натаму, тука се обидува да ја опфати и да ја согледа и судбината на современиот свет, за прво на човекот во современото загрижувачки отуѓено општество – им се обрати преку видеоснимка авторот Томислав Османли на присутните на изложбата.
Проектот „100 словенски романи“, со посебен акцент на најновиот роман на Томислав Османли, пред публиката го претстави Jулија Созина, соработничка во Библиотеката за странска литература, координаторка на овој меѓународен проект од руската страна. Присутните ги поздрави Евгениј Резниченко, директорот на центарот за книга „Рудомино“, кој истовремено е и директор на Институтот за превод во Москва. Резниченко го оцени романот „Бродот. Конзархија“ како значајно дело, кое отвора низа проблеми многу важни за цивилизацијата. Тој го спомна и романот на Томислав Османли „Дваесет и првиот (Книга на фантазми)“ во 2015-та публикуван во рамките на едицијата „Македонскиот роман на 21 век“, кој со успех учествуваше на повеќе саемски и други книжевни претставувања во Русија. Тој подвлече дека благодарение им на усилбите и напорите на Олга Панкина, на нејзиниот исклучителен талент како преведувачка и организаторка, центарот за книга „Рудомино“ објави толку книги од македонските автори колку што нема објавено од никој друг словенски јазик.
Претставувањето на книгата предизвика толку голем интерес кај публиката што беше договорено наесен да се одржи уште една литературна средба посветена на овој роман.
Присутните во салата, како и тие што го следеа настанот онлајн, имаа можност да слушнат извадоци од романот во изведба на артистите на театарот „Город“.
Инаку, „Бродот. Конзархија“ е шестиот по ред роман од македонски автор што се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи“, сите во превод на Олга Панкина. Оваа креативна преведувачка е активна афирматорка на македонската литература и култура во Русија. Таа веќе 15 години ја води невладината организација Македонски културен центар во Москва.