Прилепскиот завод и музеј штотуку ја реализира втората истражувачка кампања на мошне значајна градба во месноста Долиште во близината на селото Прилепец, која првпат се истражуваше во 2022 година. Со 180.000 денари поддршка од Министерството за култура и туризам, продолжи да се открива просторија од римска античка бања. Тоа е просторија во рамките на бањата во која луѓето што доаѓале да ја одржуваат својата телесна хигиена се потеле, односно т.н. судаториум.
– Оваа просторија имала висечки под од керамички плочи и малтер, кои лежеле врз столпчиња од т.н. хипокаустни керамички кружни тули. Под овој висечки под струел топол воздух. Тоа е всушност еден вид на подно загревање, но со мошне топол воздух. Евидентиран е и сегмент од уште една просторија од бањата, т.н. префурниум, во која се ложел оган, кој го затоплувал воздухот што струел под подното ниво на просторијата за потење. Римските бањи од овој тип се појавуваат во средината на првиот век пред нашата ера. Покрај двете наведени простории, имале уште соблекувална, просторија со базен со топла вода, друга со базен со ладна вода и трета со базен со млака вода. Побогатите граѓани од тоа време во рамките на своите луксузни куќи имале помали бањи, додека за другото население на градовите биле градени јавни бањи како што е бањата кај Прилепец – вели советникот археолог Душко Темелкоски од Прилепскиот завод и музеј.
Јавната градба е со димензии од 11 х 8 м на просторијата за потење, која се истражува, како и според откриениот мермерен столб од над 2,5 м во должина (заради лимитираниот буџет за истражување столбот не е откриен во целосна должина), а кој стоел покрај влезот од надворешната страна. Оваа бања била речиси неколкупати поголема од јавните бањи откриени во другите антички градови во земјава.
Што се однесува на тоа кој град егзистирал на поширокиот простор кај селото Прилепец, би можело да е сѐ уште неутврдениот град Пелагонија. Покрај бањата што се истражуваше годинава, од движни наоди биле откриени две бронзени монети, една на Александар и една кована од градот Пелагонија. Монетите на градот Пелагонија што се ковале веднаш по поделбата на Античка Македонија, а по окупација од страна на Рим во средината на вториот век пред нашата ера, се мошне ретки.
Во претходните години во непосредна близина се истражувани неколку пункта за погребувања во подолг временски интервал од околу 800 години (од шестиот век пред нашата ера до третиот век од нашата ера). Во двориштето на селската црква во Прилепец во минатото месното население има донесено неколку мермерни плочи со натписи што говорат за значењето на градот, за жал без спомнато негово име. На еден од овие натписи се спомнува Стибера, така што дознавме за врските на двата града во античко време. Во педесеттите години од минатиот век случајно е откриена остава со над 200 сребрени монети на античките македонски и пајонски кралеви, која денес се наоѓа во Археолошкиот музеј во Скопје. Ка.М.