Во археолошкиот локалитет Стоби во тек се активности за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители“.
− Објектот на Старата железничка станица во Стоби, кој со поддршка од ИПА-фондовите прерасна во нов модерен центар за посетителите е уште една потврда дека евроинтеграцијата не е само апстрактна приказна туку конкретна и видлива придобивка за граѓаните – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Европската Унија вложи над 495.000 евра неповратни средства во проектот „Еуропос Платино Стоби – Европското минато, иднина и културни вредности“. Од нив, 186.000 евра доби Стоби за адаптација на објектот во кој посетителите ќе имаат можност да го видат движниот културолошки слој на овој археолошки локалитет, со што Стоби станува поатрактивно за туристите.
− Стоби е атракција само по себе, но содржините што ќе се нудат во центарот ќе бидат додадена вредност за секој посетител што овде ќе има можност да доживее ново визуелно, образовно и интерактивно искуство − истакна министерката.