Конференција „Предисторија на Балканот“
Деветтата конференција на Центарот за истражување на предисторијата, со наслов „Предисторија на Балканот“, која се одржа вчера, речиси една декада традиционално се одржува при крајот на годината и на едно место собира еминентни стручњаци од сферата на археологијата и културното наследство, кои ги презентираат и дискутираат за најновите сознанија добиени во рамките на тековните истражувања.
– Годинава на конференцијата учествуваат четириесетина археолози од Велика Британија, Германија, Шпанија, Франција, Австрија, Соединетите Американски Држави, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Албанија и од Македонија. Тие преку петнаесетина реферати на овој онлајн настан ги презентираа своите истражувања во рамките на предисториската археологија и ги елаборираа резултатите поврзани со локалитетите на Балканот, како и околината во која тие се наоѓаат. Освен претставувањето на резултатите од теренските ископувања, учесниците на годинешната конференција исто така говореа за теориските поимања на хронологијата и општествата во неолитот, природното опкружување и рововите со кои се обградувале тогашните населби, керамиката и алатките што ги изработувале, сточарството и земјоделството, наколните живеалишта во бронзеното време, како и погребувањата во железното време – велат организаторите.
Во рамките на конференцијата беше промовиран и најновиот зборник на трудови на Центарот за истражување на предисторијата, чие издавање е поддржано од Министерството за култура. Во него се сумирани рефератите од минатогодишната конференција „Предисторијата на Балканот“, која се одржа во Охрид.
– Во таа насока оваа конференција е редок научен настан во кој традиционално секоја година се претставува предисториското културно наследство на Балканот и се дискутираат формите и методите на негово проучување. Овој настан во голема мера придонесува кон зацврстување на комуникацијата меѓу балканските и европските археолози и отвора нови перспективи за меѓународни соработки. На тој начин предисториското културно наследство станува попристапно до сите стручњаци во регионот и се добиваат можности за негово поодговорно истражување, како и за потемелно толкување – велат од Центарот за истражување на предисторијата. В.Д.