Во јунскиот број за 2024 година на најреномираното руско списание „Иностранаја литература“, чие мото е изреката „Запознај ги утрешните класици!“, објавени се расказите „Вест“ и „Настан на летување“ од академик Влада Урошевиќ, во превод на Олга Панкина, популаризаторка на македонската литература во странство.
Панкина напиша и кратка белешка за Влада Урошевиќ, изразувајќи надеж дека читателите и преку превод ќе jа почувствуваат убавината на јазикот и изразот на овој голем македонски автор.
Панкина најави дека подготвува за публикациjа нова збирка раскази на Влада Урошевиќ, која наесен ќе излезе од печат по повод 90-годишниот јубилеј на писателот. Книгата ќе има околу 350 страници и ќе содржи 35 раскази создадени од Влада Урошевиќ во текот на неговото шеесетгодишно книжевно творештво.
Инаку, прозното творештво на Влада Урошевиќ им е познато на руските читатели благодарение на романите преведени од Олга Панкина: „Невестата на змеjот“, „Барајте го гавранот“ и „Маџун“, расказите: „Сабја“, „Кукла“, „Вишнев ликер“ и други. Како поет Влада Урошевиќ е застапен во сите поетски антологии објавени во Русија, претставен е со две посебни книги, „Пејач во кулата“, за која во 2017 година Урошевиќ jа доби највисоката руска награда за поезија „Златен витез“, и „Jужна sвезда“ – избор поезија од Влада Урошевиќ во препев на Панкина.