Промоција на книгата „Сергеј Михајлов живот и дело“
Денеска, во 12 часот, во фоајето на Националната опера и балет во Скопје, ќе биде промовирана книгата на професорката Наташа Диденко, со наслов „Сергеј Михајлов живот и дело“. Диденко доаѓа од Институтот за национална историја при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, таа по вокација е музичарка, музиколог, музички педагог и изучувачка на музичката историја на Македонија, супспецијалистка за историјата на македонската музичка култура.
– Книгата „Сергеј Михајлов живот и дело“ ја подготвував во текот на изминатите две години. Ова и наедно е прво монографско претставување на животот и делото на рускиот емигрант Сергеј Михајлов од неговото раѓање во родниот Харков 1885 година, па сѐ до неговата смрт во 1975 година во градот Штип. Книгата ни ја открива незапирливата творечка, уметничка, креативна, музичка и педагошка дејност на Михајлов, што ја стекнал низ широкиот опсег на неуморна работа и ангажман низ животната практика. Тој во македонската културна историја и во колективната меморија на Штип и штипјани не е запаметен само како човекот што го има поставено и премиерно изведено првото музичко-сценско дело, операта „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леон Кавало во 1925 година, туку и како човек што преку примената на својот трансфер на знаења создал вредни музички дела, но и поттикнал и постигнал забележителни резултати во почетниот и институционален развој на музиката со поголема уметничка вредност во Штип – истакна авторката Диденко.
Наташа Диденко е авторка на три монографии: „Ѓорѓи Доневски доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“, издадена во 2021 година, потоа „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947-52)“, публикувана во 2021 година и „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации“, издадена во 2019 година, а се јавува и како коавторка на монографијата „75 години повеќе од игра и песна ансамбл на народни игри и песни Орце Николов“ публикувана 2020 година.
Зоран Антоски