Во петокот во општината Штип беше промовирана најновата книга на новинарот и публицист Мишо Китаноски, со наслов „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“. Издавач на книгата е Еврејската заедница во Република Македонија и е посветена на 80-годишнината од холокаустот на 7.144 македонски Евреи што животот го завршиле во 1943 година во фашистичкиот логор Треблинка, изграден во окупирана Полска.
Покровители на одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на Евреите во Македонија и на промоцијата на книгата се Министерството за култура, Еврејската заедница во РМ, Фондот на холокаустот и домаќинот, Општина Штип. Исто така, манифестации за одбележувањето ќе се одржат и во Битола и во Скопје.
Книгата „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“, авторот Мишо Китаноски ја поделил на три дела. Во првиот дел, тој накратко зборува за прогонот што во 1942 година го почнале шпанскиот крал Фердинанд и кралицата Изабела, прогонувајќи над 300 илјади Евреи што не сакале да преминат во католичката вера. Вториот дел од книгата е посветен на животот на Евреите во Штип меѓу двете светски војни, кога особено се развиваат трговијата и занаетчиството, во кое носители се штипски Евреи, сѐ до окупацијата на Македонија од бугарската фашистичка власт, војска и полиција. Третиот дел е најопширен и донесува повеќе прилози, во кои се користени бугарски фашистички документи во кои директно се зборува за начинот и постапката, како и ликвидирањето на 7.144 Евреи во Македонија, од кои 551 се од Штип.
На крајот од книгата „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“од Мишо Китаноски има и два текста, од кои во првиот се зборува за осумте спасени Евреи од Штип од колоната на смртта , а во вториот текст во кратки црти се даваат податоци кои и како од бугарските окупаторски носители на холокаустот завршиле пред Народниот суд на Отечественофронтовска Бугарија и во затвор.