Промоцијата на „Danse Macabre“, книга раскази на Тина Иванова, e закажана за денеска, во 19 часот, во кафулето „Котур“. Станува збор за збирка од осум раскази, кои, иако различни, ги поврзува иста тематика – како што сугерира и самиот наслов, алегоричен и гротескен приказ на смртта и животот.
Книгата „Danse Macabre“ неодамна излезе од печат во издание на „Темплум“, а нејзиното прво претставување се случи на годинашниот Саем на книгата во Скопје. Ова е прва книга раскази од музикологот и писателка Тина Иванова, која досега има создадено повеќе литературни дела во различни жанрови.
Промоцијата ќе биде збогатена со музички настап на бенд во состав: Иван Бејков (контрабас), Филип Динев (гитара) и Ристо Ивановски (гитара).
Модератор на настанот ќе биде писателот и уредник Никола Гелевски, додека книгата ќе ја промовира филмскиот критичар и писател Златко Гелески.
– Чудна т.е. чудесновишна книжевност сместена во осум тешко заборавливи раскази: готски хорор во Скапан град, каде што бесознанието се испреплетува со мракобесието. И по ред: морничавоста е испреплетена со социологијата на малограѓанството, културните студии со некрофилијата, археологијата со лудилото, музиката со вресокот… Ликовите се тие што ги знаеме, од овдешните куќи, улици, институции – само малку поместени, накај злочин, гнилеж и безумие – напиша во кратката рецензија за книгата издавачот Никола Гелевски.
Тина Иванова (родена во 1976 година, во Скопје) дипломира музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Има долгогодишно искуство како новинарка, музичка критичарка и уредничка; работела во „Утрински весник“, Македонско радио, радиото Канал 103 и Македонската информативна агенција. Од 2014 година е ангажирана како асистент продуцентка во Македонската филхармонија, каде што од 2020 до 2023 година ја извршуваше функцијата директорка.
Авторка е на повеќе публицистички и книжевни дела, меѓу кои: „Документ 103“, за кое е добитничка на државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ (2012), романите „Кругови“ (2013) и „Сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ (2024), како и монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“, за која ја доби наградата „Панче Пешев“. Коавторка е на монографијата „70 години Македонска филхармонија“ и на електронската книга „Седум мали портрети на седум големи композитори“ (2015).
Покрај тоа, активно пишува поезија, текстови за песни, раскази, сценарија за детски концерти и музичко-сценски претстави за деца. Авторка е и на пет книги за деца, кои наскоро ќе бидат објавени.