Ивана Васева, кураторка, и Филип Jовановски, визуелен уметник, ќе учествуваат на изложбата „Имагинарни граници“, која ќе биде поставена до 28 август на платото Субин во Лимански парк (Нови Сад). Кураторскиот тим Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ од колективот КУРС селектираа уметници, активисти и колективи да го коментираат терминот „Тврдина на мирот“, една од тематските рамки на проектот „Нови Сад – европска престолнина на културата во 2022 година“, од кои е дел оваа изложба.
Јовановски и Васева ќе се претстават со делото „Домче“, реферирајќи на бруталистичкиот културен дом (месна заедница) во населбата Тафталиџе, во Скопје. Тоа е долгорочен интердисциплинарен проект, кој во рамките на изложбата „Имагинарни граници“ ќе биде претставен во форма на неколку специјално дизајнирани знамиња и посветен на неодамна починатиот архитект, истражувач и активист Срѓан Јовановиќ-Вајс.
– Домче ни беше втор дом. Домче беше месна заедница каде што луѓето се собираа, играа шах, играа, пееја, се еманципираа во културна и социјална смисла. Дополнително, Домче е можеби најмалиот објект во светот направен во бруталистички стил. Домче беше всушност збирно место во делот на Скопје наречен Тафталиџе, кој беше приватизиран со намера на негово место да се изградат високи станбени згради. Локалната заедница успеа да го спречи тоа, но притисоците на инвеститорите и алчноста на ситните моќници во последно време се сѐ посилни.
Сакаме да го вратиме Домче затоа што ни припаѓа нам. Тука живеат нашите сеќавања, но и нашите надежи за подобра иднина. Во моментов изгледа како стар археолошки локалитет, каде што некогаш се вреднуваа единството, еднаквоста и еманципацијата, кои сега изгледаат како идеи од далечното минато, но Домче нè потсетува и на важноста на овие суштински вредности во нашата потрага да изградиме тврдина на мирот – велат авторите.
Кураторите на изложбата, Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ, го креираа концептот со критички осврт на дадената тематска рамка, водени од личното искуство и позиција.
– Терминот „Тврдина на мирот“ ни отвора многу прашања за европското наследство и односот кон другите народи и култури: од каде започнува таа тврдина и кој е нејзиниот творец, кој или која е заканата за мирот што ја штити оваа тврдина и кој, како и кога има дозвола да влезе во тврдината и дали е слободен кога ќе влезе внатре. Поделена на три дела, изложбата укажува на феномените на општеството во кое живееме, кои се дел од наследството на Европа, како што се: евроцентризмот, наследството на колонијализмот, неоколонијализмот, експлоатацијата, миграцијата. Исто така, некои интервенции претставуваат идеи за иднината, кои нудат можности за надминување на овие концепти и нивните недостатоци – велат тие.