Историјата се повторува во украинскиот град Одеса, пишуваат деновиве светските медиуми. Пристапот кон фасцинантната зграда на необарокниот театар, зградата на Националната опера и балет, во овој момент изгледа идентично како и на фотографијата од 1941 година.
Барикадите што го блокираат патот до театарот, гордоста на градот на Црно Море, почнуваат три блока подалеку. Влезот во зградата го чуваат вреќи со песок, како и метални противтенковски бариери.
Истата сцена се гледа и на фотографијата што датира од Втората светска војна. Црноморското пристаниште го користело и театарот како тврдина во 1941 година, во предвечерието на нацистичката опсада. Црвената армија на Советскиот Сојуз поставила противвоздушни единици на покривите на зградите околу театарот за да го заштити од бомбардирање.

Повеќе од 80 години подоцна, како подготовка за потенцијален руски напад врз Одеса, театарот повторно е најчуваната зграда во градот. Тоа е најзначајното обележје на градот, најчесто печатено на разгледници и е симбол на богатата историја на Одеса, која датира од времето кога градот бил скапоцен камен на царска Русија.
Првиот градски театар во Одеса бил изграден уште на почетокот на 19 век според дизајните на архитектот Томас де Томон. Меѓутоа, театарот што го гледаме денес во Одеса не е театар на италијанскиот архитект, туку зграда изградена неколку години подоцна, кон крајот на 19 век, додека делото на Томон изгорело во пожар. Денешниот театар во Одеса е дело на исто така познато архитектонско дуо што го дизајнирало и Хрватскиот народен театар во Загреб. Тоа се Фердинанд Фелнер и Херман Хелмер, потписници на голем број културни објекти за време на Австроунгарската Монархија. Театарот во Одеса првпат бил отворен на 1 октомври 1887 година.

Во необарок, односно истористички стил, во тогашните австроунгарски земји биле подигнати многу згради, потпишани од Фелнер и од Хелмер; 48 театарски палати од Виена, Грац, Будимпешта, Хамбург, Загреб, Софија, Брно и Риека, сè до Одеса.
Во описите на театарот во Одеса се посочува дека раскошниот аудиториум бил реализиран во доцниот француски рококо-стил. Уникатната акустика на салата во форма на потковица им овозможува на изведувачите да пренесат дури и тивок тон на гласот од сцената до кој било дел од салата. Последното реновирање на театарот во Одеса беше завршено во 2007 година.
Зградата во Одеса има ниши со бисти на Михаил Глинка, Николај Гогољ, Александар Грибоедов и Александар Пушкин. Големата сала е моделирана по стилот на Луј Шеснаесетти и е украсена со позлатен штуко и мотиви. Архитектите планирале дваесет и четири излези во фоајето за да избегнат трагедија во случај на пожар.