Заврши 59. МТФ „Војдан Чернодрински“

Со доделувањето на наградите и изведбата на претставата „Вистината“ на „Театар Комедија“ – Скопје, во ЦК „Марко Цепенков“ се спушти театарската завеса и заврши годинашното 59-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кое донесе нови и смели решенија под мотото „Смеј се и осмели се“. Прилепската публика изгледа девет претстави во официјална конкуренција и пет од независната продукција, се одржаа детската зона, програмата „Драмолетање“ и промоции на книги. Претставите, секоја на свој начин и со особен сензибилитет, го предизвикаа интересот кај прилепчани, кои секоја вечер ја полнеа салата. Доволен доказ е дека наградата од публика ја доби претставата „Слепци“ на Турскиот театар, со просечна оценка 5.
Сепак, претставата „12“ на МНТ беше добитник на наградата за уметничко остварување на претстава во целина. Оваа одлука со мнозинство гласови ја донесе жирито во состав: Лилија Абаџиева, претседателка, и членовите, Иван Меденица и Нела Оташевиќ. Наедно на ансамблот на истата претстава му беше доделена специјалната награда за колективна актерска игра, и тоа едногласно.
Според претседателката на жирото, Лилија Абаџиева, претставата имала внатрешна вистина на преживување, психолошка праведност и одлична актерска игра.
– Емоционалната реалност, во која се потопува актерот преку личното паметење и внатрешните мотиви, нѐ тера да веруваме дека театарот е преживеана вистина за пред очите на публиката. Театарот е место каде што невидливото станува видливо, според Питер Брук. Јас верувам дека секоја претстава е едно патување и истражување истовремено кон непознатото и необјаснивото во човечкото суштество. Во „12“ во актерската работа има внатрешна вистина за преживување, психолошка праведност и ме плени актерската органика. За мене „12“ е исклучително актерско достигнување на секој актер од екипата, а притоа секое достигнување, освен за системот на Станиславски, ми дава претстава и за методот на Ли Стразбер во однос на автентичниот живот на сцена. За мене и до денес, независно од моето долгогодишно искуство како режисер во различни културни идентитети, човечкото во човекот преку играта театар и актерот останува необјасниво чудо. На кој начин актерите се возбудуваат и се инспирираат да нѐ пренесат во различни светови, за мене останува голема тајна до денес. Актерската работа на екипата во претставата „12“ ми зборува за театарското постоење тука и сега, но ова не е само реченица. Секој од овие бескрајно талентирани, но и бескрајно различни актери нѐ вовлекуваат со своите посебни вештини во сопствениот свет, но впечатливо е, исто така, и партнерството меѓу нив, без да има борба за надигрување – вели Лилија Абаџиева, претседателка на жирито.

Според неа, секој актер е дел од ова исклучително актерско дело, кое создава енергија и атмосфера што на публиката ѝ дава чувство како да е воајер.
Беа доделени и другите награди на фестивалот. Наградата за рекламен материјал со мнозинство гласови ѝ се додели на Медина Хоџа за рекламниот материјал за претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје. Наградата за кореографија и сценски движења со мнозинство гласови му се додели на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“ – Велес. Наградата за музика „Филип Стевановски“ едногласно му се додели на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“ – Велес. Наградата за костимографија едногласно му се додели на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје. Наградата за сценографија едногласно му се додели на Валентин Светозарев за сценографијата во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес. Наградата за современа сценска драматизација и адаптација едногласно ѝ се додели на Јелена Цветановска за драматизацијата и адаптацијата на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар – Битола. Наградата за современ драмски текст со мнозинство гласови ѝ се додели на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство гласови му се додели на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ „Театар Комедија“ – Скопје. Наградата за млада актерка едногласно ѝ се додели на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје. Наградата за женска епизодна улога со мнозинство гласови ѝ се додели на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ „Театар Комедија“. Наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови му се додели на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на НУ МНТ-Скопје. Наградата за главна женска улога едногласно ѝ се додели на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Наградата за главна машка улога едногласно му се додели на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар – Битола. Наградата за режија со мнозинство гласови му се додели на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ по педесет и деветти пат ги собра националните ансамбли, независните театарџии, културните работници и публиката во Прилеп. Добрите познавачи и проследувачи на фестивалот посочуваат дека годинашното издание донело многу новитети.

– Фестивалот имаше густа целодневна програма што, благодарение на беспрекорната организација, се одвиваше непречено. Алтернативните музејски изложби на лични предмети од три роднокрајни легенди на македонската драма, Благоја Ристески–Платнар, Благоја Спиркоски–Џумерко и Кирил Ристоски, проекции на филмови, „Драмолетање“ – форум за современа домашна драма и разновидни работилници. Оние што сакаа да фатат место мораа да се помачат, затоа што просторниот и временскиот капацитет беа искористени до максимум. Имаше атмосфера, промоции, тркалезни маси и неформални разговори за театар, како што му прилега на најголемиот театарски фестивал во земјава. Публиката беше загреана, имаше гости од другите градови во Македонија и од регионот, сите собрани со една мисла – славење на македонскиот театар во самата негова лулка – истакна Марио Стојаноски, кој постојано беше присутен на фестивалот „Војдан Чернодрински“, кој в година одбележува 60 години од постоењето.

Ка.М.