Драмскиот театар е институцијата што отвора врата и искрено и несебично вложува во промоција на македонското драмско творештво и во македонските автори, подвлекува директорката Викторија Рангелова Петровска
Новата претстава „Парови“ е поставена на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар – Скопје, во режија на Ивана Ангеловска. Авторка на „Парови“ е Ана Ристоска-Трпеноска, која е дел и од актерската екипа. Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите е на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев, дизајнот на постерот е изработен од Дамјан Момировски, а фотограф е Стефан Стамандов.
Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.
– Новата премиера на Драмскиот театар наедно е и праизведба на драмскиот текст „Парови“ од авторката Ана Ристоска-Трпеноска. Драмскиот театар од самиот свој почеток, во сите три негови развојни фази, од Куклено-детски театар, преку Младинско-детски театар и на крајот Драмски театар, во програмската политика искрено се залагал за промоција на македонски автори и на домашно драмско творештво. На самиот почеток, на репертоарот на куклено-детската сцена во период од 1946 до 1960 година се поставуваат дела создадени од Петре Прличко, кој се потпишува под оригиналните детски пиеси и прави театарски адаптации на дизниевите филмови за деца. Автори што обележија значаен дел од македонската книжевност се Славко Јаневски („Шумска дружба“, „Шеќерното дете“), Ванчо Николовски („Горски суд“) и Александар Алексиев („Немирници“). Во периодот од 1960 до 1970 следува интензивна промоција на битовата драматургија претставена преку Ристо Крле („Парите се отепувачка“), Васил Иљоски („Бегалка“, „Свадба“), за да продолжи со промоција на поствоени автори, кои од докажани прозаисти добиваат можност на сцената на Драмскиот театар да го преточат својот театарски обид во успешна театарска приказна, а тоа се авторите: Томе Арсовски („Александра“, „Бумеранг“), Коле Чашуле („Партитура за еден Мирон“), Милан Ѓурчинов („Богомилска балада“), Симон Дракул („Немирна рудина“), Петре М. Андреевски („Богунемили“), Оливера Николова („Земја во која не се стигнува“), Георги Сталев („Болен Дојчин“), Богомил Ѓузел („Адам“, „Ева и Јов“) – соопштува директорката на Драмскиот театар, Викторија Рангелова Петровска.
Од 1970 г. започнува златниот период на Драмскиот театар, кој исклучиво се должи на претставите работени на домашни автори како Горан Стефановски со Јане Задрогаз, („Диво месо“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Кула Вавилонска“, „Чернодрински се враќа дома“, „Демонот од Дебар Маало“, „Огнени јазици“ итн.), Јордан Плевнеш („Еригон“, „Р“, „Југословенска антитеза“, „Слободен лов“, „Последниот маж, последната жена“), Русомир Богдановски („Пангуриј“, „Чудото на Св. Ѓоргија“) и комедиографот Миле Поповски („Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“), кои соработуваат како тандеми со режисерите Слободан Унковски, Љубиша Георгиевски и Коле Ангеловски. Од 1990 година, покрај овие веќе етаблирани автори со кои театарот ја продолжува соработката и во годините што следуваат, Драмскиот театар ја отвора вратата и се залага за промоција на новата генерација драмски автори и драматурзи како Жанина Мирчевска („Шуави ап“, „Есперанца“), Сашко Насев („Чија си“, „Грев или шприцер“), Југослав Петровски („Вазна од порцелан“), Дејан Дуковски („Друга страна“) и Венко Андоновски („Словенски ковчег“, „Кандид во земјата на чудата“), дополнува директорката Викторија Рангелова Петровска.
– Во последните децении, Драмскиот театар на театарската сцена поставува исклучиво дела на млади македонски драмски авторки како Жанина Мирчевска („Ждрело“), Благица Секуловска („Безљубни“), Миа Николовска („Така зборуваше Гертруда“), како и адаптации и драматизации испишани од жени драматурзи, работени по прозни дела на македонски авторки како што е случајот со „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Праизведбите и соработката на Драмскиот театар во последниве години не е тенденциозно условена во соработка со жени автори, таа е природно поставена. Не знам дали ви е познато, но последните генерации на школувани драматурзи се исклучиво жени. Женскиот драмски ракопис е доминантен. Зошто ја правам оваа историска ретроспектива на улогата на Драмскиот театар во дефинирање на македонската драматургија, ја правам за да ја потенцирам улогата на Драмскиот театар во одржување на континуитетот на македонското драмско писмо и тоа со праизведби со што ја докажува вербата во новите автори. Ја потенцирам улогата на Драмскиот театар, преку кој се дефинираат театарските животи на најголемите македонски драмски автори. Драмскиот театар е институцијата што отвора врата и искрено и несебично вложува во промоција на македонското драмско творештво и во македонските автори – подвлекува Викторија Рангелова Петровска.
Девизата на Ристо Стефановски дека без македонска драма нема театар беше и остана една од примарните задачи на повеќе или помалку секој раководител на Драмскиот театар. За таа цел, од оваа година Драмскиот театар почнува со реализација на конкурс за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години, а наградата го носи името „Горан Стефановски“.
– И таа доминација на жените автори и денес е тука и е претставена преку Ана Ристоска-Трпеноска, со чие дело „Парови“ викендов се претстави пред македонската публика – додава Рангелова Петровска.
Авторката Ана Ристоска-Трпеноска во драмскиот текст промислува на современ јазик и го поставува прашањето: Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството?
– Животот во заедница е различен од онаа идеализирана љубов што партнерите очекуваат дека треба да се случи и да трае, и од сликата за заедница што доминира во дигиталниот свет. Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида. Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им се поважни професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери што имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ. Драмата „Парови“ прикажува неколку пара во различни ситуации и фази од нивните животи. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите – споделува Ана Ристоска-Трпеноска. С.Ј.