Џерардо Мазучо, италијански поет
Италијанскиот поет Џерардо Мазучо за неговата книга „Дотука живеел човек“ е добитник на наградата за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор „Мостови на Струга“ за 2022 година на „Струшките вечери на поезијата“. Мазучо е роден во Батипаља, близу Неапол, во 1991 година. Детството и младоста ги поминал во соседниот град Олевано сул Тушано. По неговите класични студии во Еболи, во 2010 година се преселил во Милано, каде што дипломирал најпрвин авторско право, а потоа и издаваштво на универзитетот „Бокони“. Од 2017 година ја уредува поетската едиција „Капо Верси“ за издавачката куќа „Бомпијани“. Во 2020 година ја основа издавачката куќа „Утопија“, специјализирана за проза, фикција и научна фантастика, чиј, наедно, главен уредник е самиот тој. „Дотука живеел човек“ е неговото прво поетско дело.
Наградата „Мостови на Струга“ е само едно од низата признанија за вашиот опус. Колку ви значат наградите?
– Еден земјоделец, занаетчија или судија воочува колку била престижна неговата кариера откако ќе се пензионира. Од друга страна, успехот на поетот се утврдува на многу подолги временски патеки. Поетот умира не знаејќи дали пишувал залудно. Токму затоа книжевните награди се од толкаво значење. Тие му дозволуваат да ја дегустира радоста без да го дознае нејзиниот вкус, прават да верува дека е на вистинскиот пат, без да ја дознае конечната дестинација.
„Дотука живеел човек“. Што останува по човекот?
– За жал, ништо. Можеби едно псевдослучајно сеќавање што избледува по неколку декади. Со исклучок на неколку уметници, научници, политичари, спортисти или луѓе што испишале историја, нашите животи се несомнено свети, но завршуваат со себеси. Ние не сме историја, историја се оние неколкумина што си ја преживеале сопствената смрт.
Си го отфрламе ли сами животот доколку не воведуваме рамнотежа, колку е тоа важно?
– Сметам дека човекот мора да живее постојано свесен за својата состојба. Повеќето грешки, во кратката лична приказна, но и во долгата историја на настаните, се предизвикани поради недостигот од свесност за човековата состојба. Сите се свесни дека имаат малку време, не размислувајќи многу за тоа и трошејќи го животот на начини што чувствителниот човек не може да си ги дозволи.
Велите „судбината на поетот е да потроши сто години во еден ден“. Колку е неопходно поетот да носи „стара душа“ (независно од годините)?
– Мислам дека поетот треба да се отуѓи од времето. Ако му припаѓаш на светот, ти не ја поседуваш луцидноста да го соопштиш тоа. Научив како да живеам надвор од времето и, со тоа, да го поистоветам мигот со векот.
Смртта (а и минливоста) ви се провлекува низ целата книга. Од што би се плашел човекот кога не би постоела смртта?
– Вечноста. Кога и да помислам на неа, ме обзема чувство на нелагодност. Кога нешто ќе стане немерливо, станува очекувано, тривијално, досадно. Животот е скапоцен поради смртта.
Првпат ли доаѓате во Македонија и на овој фестивал? Какви се вашите очекувања од земјата, но и од луѓето?
– Да, првпат. Држава што толку многу ја почитува поезијата, славејќи го стихот со поетска манифестација од светски размери, ме фасцинира и трогнува. Јас сум роден во Италија, земја што ја љубам, но земја во која поезијата е заборавена. Луѓето таму го поминуваат животот затворајќи ја вратата на која пишува „Отвори“.
Биљана Стојановска
Превод: Викторија Постоловска