Македонија и Албанија се во пакет за прием во редовите на Европската Унија, но се чини дека за двете држави ова не е единствената заедничка точка на совпаѓање во подолг период. Имено, Албанија и Македонија имаат повеќе заеднички именители што се однесуваат на нефункционалност на државните институции, особено од областа на правосудството, а и перманентни проблеми со корупцијата и организираниот криминал. Највисоките акредитирани странски претставници долго време реагираат на оваа вкоренета појава, вклучувајќи и од Амбасадата на САД. Тоа се случи во Македонија, а деновиве се случува и во Албанија. Во писмена реакција на социјалната мрежа Твитер, американската амбасадорка во Тирана, Јуриј Ким, порачува дека „заканите кон судиите и обвинителите и обидот за нарушување на реформите во правосудството не може да се прифатат како нормални во земја-кандидат за ЕУ и членка на НАТО“…

Будното око на западните дипломати во Албанија и во Македонија открива тренд

Деновиве во Македонија се актуелни случувањата поврзани со шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, во кои во голема мера се вмеша и политиката. Целиот случај дојде до точка во која јавната обвинителка Русковска упати повик до надлежните државни институции и странски амбасади и меѓународни организации да престанат притисоците врз обвинителите.

Во Албанија иста „песна“

„Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ“, беше реакцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, со додаток дека постојните закони на земјата ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. И Амбасадата на САД во Скопје имаше сличен став, оценувајќи дека станува збор за тековен процес и е прашање што треба да го решат надлежните органи во државата. „Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив“, се наведува во одговорот на американската амбасада во земјата, кој го пренесоа медиумите.
Нешто слично се случува деновиве и во Албанија. Имено, Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) поведе истрага против доскорашниот шеф на албанската држава и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, под сомнение за „непријавено лобирање во вредност од околу 700.000 евра“. Ова се дознава од барањето упатено до Централната изборна комисија (ЦИК), потпишано од првиот човек на СПАК, Арбен Краја.
За потребите на оваа кривична постапка бараме копија од образецот за самоизјаснување во согласност со законот бр. 138/2015 „За гарантирање на интегритетот на лицата што се избираат, именуваат или вршат јавни функции“, поднесен од поранешниот пратеник на Собранието на Република Албанија, господинот Илир Метај-Мета – се наведува во барањето.
Од СПАК потоа појаснуваат дека ова барање е дел од истрагите што ги спроведува Специјалното обвинителство во рамките на кривичната постапка заведена врз основа на пријавата на граѓанинот Халит Валтери. Поранешниот пратеник Халит Валтери пред два месеца доставил до СПАК претставка придружена со неколку документи, со кои се тврди за непријавено лобирање во САД од страна на Мета.
Најпрво весникот „Мадер Џонс“, на 25 април 2018 година, и весникот „Кронен цајтунг“, на 16 мај 2022 година, објавија дека Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ, сега партија на слободата) ѝ платило на кипарската офшор-компанија „Дорелита лимитед“, која, пак, финансирала друга фирма во сопственост на поранешниот републикански американски сенатор Хауард Бак Мекеон, кој е и поранешен претседател на Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом. Тоа било со цел тој да се обиде да влијае на американскиот Стејт департмент, ЛСИ да добие поддршка од САД – наведува телевизијата.
Австрискиот весник „Кронен цајтунг“ објави дека ЛСИ понудила 700.000 долари за лобирање од горенаведената кипарска компанија, за таа да обезбеди покана и фотографирање за Мета за церемонијата на инаугурација на Доналд Трамп како 45-ти претседател на САД, на 20 јануари 2017 година, во време кога Мета беше претседател на албанското собрание.

Идентични препукувања на засегнатите страни во аферата, и во Албанија и во Македонија

На ваквата информација експресно реагираше поранешниот албански претседател Илир Мета, кој првиот човек на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал Арбен Краја го етикетира како „партиски слуга (потрчко)“.
Веднаш по ова следуваше реакција од американската амбасадорка во Тирана, Јуриј Ким. Во реакција на социјалната мрежа Твитер, таа пишува дека заканите кон судиите и обвинителите и обидот за нарушување на реформите во правосудството не може да се прифатат како нормални во земја-кандидат за ЕУ и членка на НАТО.
– Заканите и заплашувањата против обвинителите и судиите и секој обид за попречување на реформите во правосудството во Албанија не треба да се прифаќаат како нормални. Вакво однесување не ѝ прилега на земја-членка на НАТО, која ги отвори преговорите со ЕУ и седи во Советот за безбедност – пишува Ким.
Американската дипломатка во овој одговор на Илир Мета нагласува дека „никој не е над законот“.
– Долго време богатите или моќните веруваа дека се недопирливи. Сега се загрижени дека неказнувањето е при крај. И додека реформата во правосудството се спроведува и дава повеќе резултати, станува јасно и појасно дека никој не е над законот – констатира Ким.

Подготвил: Mарјан Велевски