Со поетското читање под наслов „Воздух. Ветер. Дишење.“, вечерва во киното „Фросина“, официјално започнува третиот Скопски поетски фестивал.
На отворањето ќе настапат: Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Дарија Јовановска, Драгослав Дедовиќ (Србија), Лана Деркач (Хрватска), Ален Брлек (Хрватска), Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта) и Мартин Глаз Серуп (Данска). Читањето ќе биде придружено со музичка импровизација на дувачки инструменти. Ќе свират Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш.
Фестивалскиот ден започна со утринска јога со поетска медитација водена од Марија Георгиева, во Паркот на франкофонијата.
Во градската библиотека „Браќа миладиновци“ ‒ Скопје со почеток од 11 часот ќе се одржи мастерклас, односно, работилница за креативно пишување поезија што ќе ја одржи Имануел Мифсуд, поет и универзитетски професор од Малта.
Во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како што е најавено, ќе се одржи читачката промоција на „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, издание на ПНВ Публикации, на која ќе настапат дури триесетмина од застапените четириесет и два млади поети и поетеси.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (ХДП), ПНВ Публикации и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.