Во пресрет на „Струшките вечери на поезијата“
„Струшките вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали ќе се одржат и годинава, во вообичаениот термин, на крајот на август, од 22 до 26 август, во своето автентично издание на препознатливите локации. Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата. Мотото на годинешниот фестивал е „Допир на убавина“.
– Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но исто така сакаме да ѝ оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред двесте години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата – велат од СВП.
Годинава го имаме францускиот лауреат, истакнатиот поет Жан Пјер-Симеон. Поетскиот портрет на лауреатот е на 24 август и, според традицијата, ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид. Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.
Годинава, во рамките на програмата ќе бидат одбележани годишнините на двајца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамките на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица на општината Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви професорката Кристина Николовска од Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во рамките на пригодниот настан „Декади поезија“ ќе бидат одбележани годишнините на живот и творештво на петмина истакнати македонски поети.
Предвидени се портрети на добитниците на наградата „Мостови на Струга“ (годинашна добитничка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“), како и портрет на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Годинава ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.
Ќе биде издадена антологија насловена „Од поети за поети“, чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет Милован Стефановски. Оваа антологија содржи избор на песни од македонски поети што се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде издаден избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Исто така ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тријазични избори на поезија на двајцата избрани поети во рамките на платформата „Версополис“. В.Д.