Жарко Иванов во пресрет на „Флип бук фестивал“
Третото издание на фестивалот на анимиран филм „Флип бук“, кој ќе се одржи од 11 до 14 август во МКЦ, ќе донесе исклучително богата програма. Ќе бидат прикажани близу сто кратки авторски анимирани филмови во три дена. Првата вечер традиционално е резервирана за селекција на филмови од најголемите фестивали за анимиран филм, годинава тоа е најдоброто од двата најголеми светски фестивали, „Анеси“ (Франција) и „Анимафест“ (Хрватска). Жарко Иванов, првиот човек на фестивалот, зборува за предизвиците на оваа филмска форма денес, но и за достигнувањата во минатото.
Во периодот откако вие се занимавате со анимиран филм, како и дали еволуира оваа филмска форма?
– Сѐ до дигитализацијата на анимацискиот процес (компјутери, софтвери, дигитални фотоапарати), за продуцирање еден анимиран производ биле потребни физички простор (студио) и низа алатки за анимирање, на пример, за традиционална аниматорска техника се потребни илјадници целулоидни фолии на кои се црта врз специјални маси, кои понатаму се фотографираат на негативи, за кои, пак, е потребна фотолабораторија итн. Новите дигитални технологии го поедноставуваат и донекаде го скратуваат процесот на создавање анимиран филм, но не го прават полесен. Сѐ уште за стоп-анимација треба да се поместат предметите по петнаесетина пати за секоја секунда и да се фотографираат, но сега со дигитален фотоапарат, традиционалната техника со цртеж повеќе не е на хартија, туку директно дигитализирана на графички таблет. Она што останува важно за создавањето еден авторски анимиран филм е постојаното проверување и преиспитување на сопствените принципи и канони, свесност за современиот технолошки напредок и експериментирање со техниките на анимација. Тоа на еден креатор на анимиран филм ќе му дозволи и авторска и стилска и тематска разноликост и дисперзија, а со тоа и постојана креативна надградба и авторски развиток.
Каква е сцената денес кај нас, има ли потенцијал и многу ли отстапуваме по квалитет и актуелност од европските и од светските трендови на авторскиот анимиран филм?
– Македонскиот анимиран филм по ништо не заостанува во квалитетот од европскиот и од светскиот тренд. Краткиот анимиран филм „Змијулче“, во моја режија, заедно со Кристина Стојановски и Крсте Господиновски, периодов е селектиран на неколку филмски фестивали, меѓу кои би ги издвоил фестивалот во Бусан, Ј. Кореја, и швајцарскиот фестивал за анимиран филм „Фантош“. Иван Ивановски работи на својот авторски филм „Бирократски приказни“, Крсте Господиновски го завршува својот „Неми филмови“, Гоце Цветановски е во продукција на долгометражниот анимиран филм „Џон Вардар“, а јас започнувам со продукција на својот авторски филм „Жиголо“. Заедно со Владимир Лукаш, Иван Ивановски и Крсте Господиновски работиме и на омнибусот „Небиднина“, базиран на четири песни од Ацо Шопов. Филмот ќе биде промовиран следната година, на 100-годишнината од раѓањето на големиот поет. Македонската сцена на анимираниот филм, за жал, е мошне тесен круг на автори. Како продуцент постојано се обидувам да вклучам нови имиња што имаат квалитетни сценарија и проекти и голем ентузијазам за работа. Но создавањето еден краток авторски анимиран филм е барем две години макотрпна работа и без поддршка од националниот филмски фонд е невозможно да се направи. Еден автор не може целосно да се посвети на својот анимиран проект ако истовремено работи нешто друго за да преживее.
Некогаш македонскиот анимиран филм ги живеел златните години, на пр. филмот „Отпор“ на Боро Пејчинов бил југословенски кандидат за „оскар“… Можеме ли да повториме ваков успех и во анимираниот филм, во документаристиката ни успеа тоа?
– Македонскиот анимиран филм во минатиот век ќе го достигне својот врв во периодот на работењето на студиото за анимација во рамките на „Вардар филм“, од 1971 до 1991 г., и ќе освои значајни награди на најважните светски фестивали, меѓу кои и „сребрена мечка“ на Берлинале. Крајот на овој плоден творечки период и паузата што ќе следува без ниту еден направен анимиран проект ќе бидат од неколку причини: најпрвин, ќе се случи распадот на југословенската федерација и војните на овие простори се чини ќе го минимизираат ентузијазмот за анимацијата како долготраен и макотрпен процес; понатаму, неуспешниот преод од аналогна во дигитална (компјутерска) анимациска технологија, кој ќе се случува токму во деведесеттите години; и, на крајот, своевидно жртвување на анимираниот филм, во името на играниот, но и на документарниот филм. Токму последново и денес е причина за недоволниот интерес нови автори посериозно да се втурнат во процесот на создавање авторски анимиран филм. Агенцијата за филм на конкурсите финансира и по десет играни и документарни филмови, а само еден, а многу често и ниту еден анимиран. Ова зборува за непочитување на медиумот анимација, за недоволно познавање на уметноста на анимираниот филм и неговите современи текови, а оттука и некомпетентноста при донесувањето одлуки по читањето на сценаријата што се дел од аплицираните проекти. И покрај ова, во последните петнаесет години, македонскиот анимиран филм се враќа на светската фестивалска мапа, а од страна на критичарите, теоретичарите на филмот и новинарите е идентификуван со синтагмата нов бран; не како референца на француското филмско движење nouvelle vague од педесеттите години, туку поради фактот што повторно се јавува како успешна приказна по пауза од триесет години.