Пламенка Трајковска – гудачко трио, настапи во рамките на „Кривопаланечкото културно лето“ на летната сцена на градскиот плоштад во Крива Паланка.
На програмата се композиции во кросовер-стил, филмски теми и фолклорни теми во кросовер за гудачко трио.
Концертот е музичко шоу со кореографски и мултимедијални елементи и претставува музичка атракција во стилот на Ванеса Меј и „Бонд квартетот“.
Во гудачкото трио покрај виолинистката Пламенка Трајковска ќе настапат и Љубица Бошкоска на виола и Милена Гиевска Андоновска на виолина.
Пламенка Трајковска – мали камерни состави, претставува музичко јадро што има цел да ги промовира камерната и класичната музика кај нас преку различни форми на мали камерни состави и преку изведба на различни видови музички програми. Во својот состав тие имаат гудачки трио и квартет, гудачки секстет и мал камерен состав. Креираат програми со класични композиции, кросовер, филмска музика и голем број концерти наменети за доближување на класичната музика до децата.
Пламенка Трајковска – мали камерни состави, имаат реализирано концерти во Македонија на најзначајните културни манифестации „Скопско лето“, „Бит фест“, „Штипско културно лето“, „Петровденски ракувања“, „Топол културен бран“, „Караманови средби“, „Кавадаречка културна есен“, „Велешко културно лето“ и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и во Турција.