Кога организаторите ме замолија да напишам нешто за Ацо, прва реакција ми беше дека тоа не е моја област, јас не сум компетентен. Но, откако разбрав дека собирот не е само за делото туку и за животот, прифатив, со забелешка дека за ова второто компетентноста расте пропорционално со белите коси. Животните патеки ни се преклопуваа во времето на окупацијата и првата повоена декада, па така, работниот наслов што го пријавив за овој собир беше „Од Штипската гимназија до скопските ќерамиди“. Во гимназијата бевме во ист клас, но од каде пак „ќерамиди“? Пред земјотресот, на врвот на хотелот „Македонија“ имаше ресторан-тераса што така си ја викавме. Со Ацо и Славко ние минувавме незаборавни вечери, рецитирајќи стихови и мечтаејќи под ѕвезденото небо. Бевме млади, сѐ околу нас беше младо, и небото ни се чинеше на дофат. Всушност, го следевме Бодлер. Набргу наидоа облаци на сомнежи и разочарувања, почнавме да тагуваме со Ацовото „По ѕвездите мислев јас да ездам/ сега лутам низ улица стара“ и Славковото „Есен е свршеник златен/ есен е прекрасен мој“, доближувајќи се до есениновската бездна. Лекот како да го најдовме во трагањето по вистината – тие низ поезијата и литературата, а јас во винчанските неутрони и атомските јадра. Просторно се разделивме, но всушност работевме исто – ја баравме смислата на човекот и светот. Размислувајќи понатаму што би можел да биде мојот прилог за овој собир, решив да бидам поспецифичен и го предложив сегашниов наслов. Веднаш да кажам, не станува збор за некакво заедничко пишување романи (како Илф и Петров), се разбира ни наука (како Ландау и Лифшиц). Поезија, пак, јас никогаш не сум ни пишувал (со исклучок на една песна на есперанто), иако стиховите отсекогаш ми биле инспирација, па и дрога и терапија. Па, сепак, беше пишување, и тоа заедничко, во распон од цели 40 години. Почна шегобијно, а заврши трагично. Си припомнувам пет такви случки што сѐ уште светкаат во моите невронски мрежи.
Пишување прво
Во текот на учебната 1941/42 година со Ацо бевме ученици во VII (по сегашно III) клас гимназија во Штип. Наставата беше на бугарски јазик, со професори од Бугарија, а некои и домашни. Група ученици се договоривме, во паузата пред часот по веронаука, да напишеме дека не веруваме во Господ и би сакале објаснување. Тоа Ацо и го напиша на таблата. Ние си бевме подготвиле аргументи дека за настанувањето на светот и човекот друго учиме во физиката и биологијата, како и дека логиката, преку познатиот проблем со каменот, во принцип ја исклучува семоќноста. Меѓутоа, до дискусија не дојде и часот помина во атмосфера што Ацо во своите сеќавања (Историски архив, 1957, стр. 24) ја опишува на следниов начин: „Тој дојде, таблата беше исписана, прочита, застана смирено и побожно како што тој умееше тоа да го чини и праша: Кој е? Настана молк во разредот и цел час тој се мачеше да открие кој го е напишал и кој го е организирал тоа“. Од друга страна, кај Ацо, за кого знаевме дека пишува поезија, се чувствуваа моменти на занес, отпуштеност и ноншалантност. Тој беше солиден ученик, но никогаш загрижен за оценки и успех во училиштето. Се сеќавам дека на корицата на неговата тетратка по германски имаше напишано „Schlafen, schlafen, immer schlafen/ und niemals sich aufwachen“. Дали уште тука се насетуваше неговата идна опседнатост со тишината и небиднината?
Пишување второ
Февруари 1943 година, спроти судењето во Штип на кочанската група (Благој Попов и други). Скоевците од Штипската гимназија добија задача да испишат пароли на јавни згради. За ова Ацо се сеќава: „Определивме три групи кои во три реони во градот треба да испишат пароли… Во втората група бев јас, Јоцо Поп-Јорданов, но не се сетив кој беше третиот“ (ми се чини дека тоа беше Ацо Ристов Џамбазов). Акцијата беше успешно изведена, користејќи го мракот пред полицискиот час. Утредента бугарските власти презедоа бришење на паролите со вар, па така тие денови на прашањето што има ново, се велеше: „Бугарите ни го обелуваат градот“. Мислам дека е важно кои беа паролите (а тие беа дадени од членот на Обласниот комитет Благој Јанков-Мучето). Покрај стандардно цитираните „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ и „Македонија на Македонците“, беа и барањата „Сакаме работа и леб, а не срамен суд“ и „Надвор фашистички окупатор“. За жал и срамота на сите нас, едната од нив (за леб и работа) денес пак е актуелна. И ако „клекнеме пред својата совест“, како што порачуваше Славко Јаневски, мора да признаеме дека тој испит не го положивме. Каде згрешивме? Навистина, и Ацо се прашуваше „Дали многу од животот сакав, па ми даде неспокојни дни“ – но сепак него го одмина, тој не го исчека горчливото сознание дека по 60 години во однос на лебот и работата, за кое со страст пишувавме на зградата на нашата Штипска гимназија, пак сме на почетокот.
Пишување трето
Крајот на мај 1943. Тукушто излезениот партизански одред „Гоце Делчев“ беше разбиен на Плачковица. Со тоа и нашето одење во партизани се одложи, па мораше да се полага матура. Беше директива да се покаже што подобар успех, за да не испаднат „неранимајковци“ идните партизани. Па, така, итно се формираа подготвителни групи. Се сеќавам, во куќата на Ноти (Панајот Димитров), јас ги подучував Ацо и него по германски јазик. Диктирав, Ацо пишуваше, а потоа тие повторуваа. Стигнавме до присвојните заменки и јас сакав да се пошегувам, па набројав: „mein, dein, sein, notre, votre, leur“. Ацо напиша и кога повтори, почна да се смее. На Ноти не му текна веднаш, праша зошто се смееме, а потоа и тој сфати. Ова беше мала шега, можеби и не заслужува да се спомнува, но мене ми остана врежана во памтењето оти е сврзана со нашето последно заедничко пишување. Кога зборувам за разбивањето на одредот „Гоце Делчев“, се сеќавам на уште едно заедничко не пишување ами читање со Ацо во дворот на куќата на тукушто загинатиот раководител на одредот „Ванчо Пркев-Сермен“. Во тоа време ние (мајка ми со децата) живеевме во куќата на родителите на Ванчо и тука, во истиот двор, Ацо ја донесе и ми ја читаше песната „Последното писмо на Ванчо до мајка му“ (објавена подоцна со изменет наслов „Претсмртно писмо на еден партизан“ во стихозбирката „Песни“). „Писмото“ беше насловено до мајката во истата куќа, на десетина метри оддалеченост, ние го чувствувавме нејзиното присуство, но, се разбира, немавме ни смелост ни сили да ѝ го „врачиме“.
Пишување четврто
Крајот на октомври 1952 во Скопје, во станот каде што живеев на улицата 27 Март бр. 14. се роди мојата прва ќерка, Ацо ни е венчан кум и како таков треба да ѝ го даде името. Седиме на маса, тој пишува на еден тефтер: „Јасмина, Дафина, Јана итн., сѐ прекрасни народни имиња“. На крајот јас го земам тефтерот, подвлекувам црта и додавам: „Луња“. Тој ме погледна со неговата детски искрена насмевка, кимнувајќи со глава како да се извинува што нему тоа не му текнало. Имено, Луња беше штипско нелегално име на сестра ми Викторија, која на 6 ноември 1943 загина во истиот одред каде што беше и Ацо и на која тој ѝ ја посвети песната „На Карадак“.
Пишување петто
Крај на зимата 1982. Допатував во Скопје и со Фируз Назим, заеднички пријател од гимназијата, отидов да го посетам Ацо на Скопската клиника. Тој веќе беше тешко болен, но сосема свесен, единствено не можеше да зборува. Ме позна, ми ги стискаше рацете со неодолива детска разгаленост. Се разбиравме со пишување. Во еден момент, јас го зедов тефтерчето, завртев нов лист и напишав: „mein, dein, sein“, тој ми го одзеде моливот и допиша: „notre, votre, leur“. Ме погледна со болна насмевка, и на двајцата очите ни се насолзија. Излеговме надвор со Фируз. Беше свежа претпролетна ноќ. Погледнав кон ѕвезденото небо и реков: Навистина нема Господ, штом таков човек може вака да заврши.
(Од собирот посветен
на Ацо Шопов, МАНУ, 2003 година)
Автор: Јордан Поп-Јорданов