Даина Ополскаите Ковалчикиене, литванска писателка
Даина Ополскаите Ковалчикиене е литванска писателка. Родена е во 1979 година во Вилкавишкис, Литванија. Во 2000 година ја добива наградата на Сојузот на литванските писатели за најдобра дебитантска книга. Во 2018 г. ја добива наградата за литература „Антанас Вајчиулајтис“, како и наградата „Јургис Кунчинас“ за кратки раскази. Станува позната со своите дела, раскази и романи за деца и млади. Во 2017 година, нејзиниот роман „Уште еднаш, Ричи“ е прогласен за книга на годината. Во 2019 година е објавена нејзината збирка раскази „Пирамидите на денот“ и истата година ја добива Наградата за литература на Европската Унија. Книгата е објавена на македонски јазик во издание на „Антолог“.
Даина Ополскаите Ковалчикиене е гостинка на претстојниот фестивал на европска литература „Букстар“, кој ќе се одржи од 3 до 5 октомври, во организација на издавачката куќа „Антолог“.
Кажете ни нешто повеќе за вашите почетоци, за првите чекори во литературата?
– Сакав да читам уште од детството. Мислам дека имав добра фантазија затоа што кога мајка ми ми ги читаше книгите или кога читав самата, сè гледав пред себе како навистина да се случува. Светот на книгите ме фасцинираше, ме вовлече, ми беше поважен и пореален од реалноста. Многу рано почувствував дека можам и самата да пишувам. Тоа се случи кога имав 16 години. Потоа почнав да ги пишувам моите први приказни и наративи и тоа ми беше лесно и пријатно.
Кога зачекоривте во книжевноста, дали имавте самодоверба, кога станавте свесна за вредностите на вашето пишување?
– Почетниците се секогаш сигурни во своето пишување. Тие веруваат дека пишувањето е лесно, само треба да сакаш нешто да кажеш. Но се чувствував многу добро дека тоа не ми беше доволно. Сакав да раскажам приказна на посебен начин, да го привлечам читателот. Мислам дека тоа се чувствува во моите дела и дека читателите сè уште го чувствуваат. Тоа ми е многу важно. Не сакам да го разочарам читателот, мора сто отсто да знае за што пишувам. Сакам да го возбудам, да го изненадам читателот. Но колку повеќе пишував, толку поголеми стануваа барањата што си ги поставував пред себе. Сега, кога објавив шест книги, веројатно сум помалку самоуверена отколку кога ја напишав мојата прва книга.
Издавачката куќа „Антолог“ ја објави вашата книга „Пирамидите на денот“ во рамките на едицијата „Храбри нови зборови, убави нови светови“. Можете ли да им кажете нешто повеќе на македонските читатели за овие приказни?
– Книгата бара чувствителни читатели. Оние што знаат да ги ценат човечките вистини и вредности, што сè уште се восхитени од човекот и од светот, што постојано бараат убавина и добрина, што копнеат по хармонија.
Во книгата се поставуваат прашања за човекот, љубовта, личната слобода, за Бог и судбината… Колку се важни овие вредности во животот на современиот човек?
– Верувам дека овие вредности сѐ уште се многу важни, само денешниот свет сака да ги негира, тврдејќи дека сè е променето. Некои работи никогаш нема да се променат. Тоа се фундаментални, принципиелни вредности на кои почива светот. Ако тие исчезнат, човештвото едноставно ќе престане да постои.
Вашите приказни се занимаваат со односите во семејството: меѓу сопружниците, родителите и децата, браќата и сестрите, понекогаш меѓу блиските пријатели или љубовниците… Кои теми ве интересираат?
– Сите теми што ги набројавте ме интересираат. Меѓучовечките односи се важен дел од нашите животи, ако не и најважен. На крајот на краиштата, се вели дека најголемото богатство што го имаме во животот се односите што ги имаме со другите луѓе. Отсекогаш ме интересирала оваа тема, секогаш е интересно да се гледа како луѓето комуницираат. Уште поинтересно е она што прави тие односи да се променат за миг. Човекот е психолошки толку сложено суштество што неговите постапки често не може да бидат комплетно разбрани и објаснети. Кога ги пишувам моите дела, секогаш анализирам кои би можеле да бидат границите на тие односи, каде може тие на крајот да нѐ одведат. Тоа е исклучително интересно. Ме интересираат посветеноста на луѓето, приврзаноста еден кон друг, но и разните меѓучовечки манипулации.
Во 2019 година „Пирамидите на денот“ ја доби престижната награда за литература на Европската Унија. Колку се важни за вас оваа награда и воопшто признанијата?
– Ова беше многу важно за мојот рејтинг како писател. Највозбудливо ми е што многу луѓе во различни земји ќе можат да ја прочитаат мојата книга благодарение на преводите. За мене тоа е начин да допрам до читателот.
Какви цели воопшто си поставувате за литературата што ја пишувате?
– Во светот на литературата, понекогаш се чувствувам како Оскар Вајлд, кој очајно бараше убавина и хармонија во својот живот, кој копнееше за таков живот по секоја цена. Кога пишувам, си поставувам исклучително високи барања од себе: пред сè, сакам мојата работа да биде со беспрекорен јазичен квалитет, потоа – да му биде интересна на читателот, да го воодушеви. О, да, сакам да го заробам читателот! И конечно, да раскажам за некои важни искуства и вредности.
Кои од светските книжевни автори ви се важни?
– Има многу книги и писатели што ме воодушевиле. Пред сè, тоа се Шарлот Бронте и англиската литература воопшто, особено на 19 век. Следни се познатите романи на Фјодор Достоевски, особено „Браќата Карамазови“. Сè уште многу ми се допаѓа Вирџинија Вулф, особено нејзиниот роман „Госпоѓа Деловеј“, откако го прочитав овој роман сфатив дека држам ремек-дело во рака. Важни ми се и Албер Ками, Мајкл Канингем, Хорхе Луис Борхес, Куци и многу други.
Како изгледа вашиот креативен процес?
– Пишувам бавно и долго. Понекогаш не пишувам ништо со недели. Веројатно затоа што живеам полека. Еднаш прочитав една мисла: „Не можеш да пишуваш побрзо отколку што живееш“. Мислам дека е многу точно. Кога почнувам да пишувам раскази, пишувам по еден параграф дневно, не повеќе. Остатокот од денот размислувам или создавам во мојата глава. Следниот ден се навраќам на текстот и пак пишувам малку. Пишувам внимателно и полека, како пајак што ја плете својата мрежа.