Во Младинскиот културен центар во Скопје е отворена изложбата на слики „Уметничко (по)стоење“ на ликовната уметница Јулијана Гешоска, која има долга и плодна кариера и надвор од границите на Македонија.
– Во сликите на Јулијана, боите имаат синестетичка моќ: тие се и звуци и мисли и духовни енергии, како што пророчки посакуваа родоначалниците на апстрактното сликарство. Затоа, кога стоиме пред платната на Јулијана, ни се наметнуваат асоцијации на тезата на Милан Кундера, кој сметаше дека нема потреба да се интервјуираат писателите т.е. уметниците, бидејќи сите одговори се веќе вткаени во нивните дела. Во сликите на Гешоска има и приказни и песни и цели колористички симфонии, има и монолози и дијалози, но и многу „прашања и одговори“ од насликани разговори. Оттука, кога стоиме пред најновите слики на Јулијана Гешоска, кои несомнено се плод и надоврзување на сè што создала и претходно, не е тешко да насетиме дека уметноста знае понекогаш да нè потсети на најубав начин дека вреди да се постои (меѓу другото) за да можеме да ги видиме овие убавини – вели Владимир Мартиновски за изложбата.
Јулијана Гешоска дипломирала на ФЛУ, отсек сликарство, во 1990 година, додека постдипломски студии завршила на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, отсек графички дизајн, со магистратура од мултимедијален арт, во 2008 година. Таа се има претставено во над 30 групни изложби надвор од границите на Македонија (Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија и др.) и била учесничка на над 30 ликовни колонии проследени со изложби.