Во својата ликовна збирка, центарот има околу 430 дела од домашни и од странски автори. Дел од оваа збирка е изложен во рамките на големата ретроспектива по повод 55 години КИЦ
Големата јубилејна изложба „55 години КИЦ“, во чии рамки се изложени плакати од богатата историја на настани одржани во КИЦ печатени во графичкото студио и слики од богатата колекција, е отворена во двете галерии Империјал 1 и 2 во Културно-информативниот центар. Центарот е формиран во септември 1967 г. и уште од самото формирање го има едно од најважните места на културното дејствување во градот Скопје и во цела Македонија. Во својата богата историја, центарот има организирано над 6.000 настани, како ликовни изложби, перформанси, концерти, промоции на книги, драмски претстави, кинопретстави, трибини и фестивали на отворено. Во својата ликовна збирка центарот има околу 430 дела од домашни и од странски автори. Дел од оваа збирка е изложен во рамките на големата ретроспектива по повод 55 години КИЦ.
– Оваа година настаните одеа под логото „55 години Културно-информативен центар – Скопје“, што значи го одбележувавме јубилејот 55 години постоење на оваа културна установа, кој кулминира со ретроспективна изложба. Концептот е да се направи ретроспектива на изминатите 55 години богата историја и уметничка програма. Содржи слики од нашата колекција, плакати за настаните, фотографии, каталози од изложбите што се одржале во минатото, разни артефакти. Колекцијата има дела од Мартиноски, Чемерски, Масин, Станковски… – вели Тони Димитров, директорот на КИЦ.
Според него, КИЦ имал пионерска улога во голем дел од уметничките тенденции во Скопје и токму тоа сакаат да го прикажат со оваа изложба.
– Центарот е иницијатор на повеќе културни настани во градот и државата, како организирањето на првата аукција од дела на македонски автори во март 1982 година, истата година е формиран продажниот ликовен салон на центарот (прва продажна галерија во Македонија), која работи до денес. Во 1983 г. во соработка со ДЛУМ е организирана изложбата „Сликарство мал формат“, која сѐ уште се организира во просториите на центарот, но сега со друго име, „Ликовно творештво мал формат“. По повод јубилејот 55 години од постоењето на центарот се организира оваа голема изложба на плакати од манифестации реализирани од 1967 до денес и дел од најпознатите ликовни дела од домашни и од странски автори – вели Емил Шулајковски од КИЦ.
Ликовниот сектор има реализирано повеќе мултимедијални проекти, изложба на скулптури, графики и како повеќе сликарски техники. Целта е да се афирмира и популаризира ликовната уметност, а публиката да се запознае со најновите ликовни остварувања и истовремено вршејќи едукативна функција. Ликовниот сектор досега има организирано 3.000 ликовни изложби, меѓу кои и најзначајните култните ликовни уметници од Република Македонија: Никола Мартиновски, Борислав Трајковски, Вангел Коџоман, Драгутин Аврамовски-Гуте, Шулајковски Теофил, Рубенс Корубин, Невзат Бејтули-Кица, Нехат Беќири, Решат Ахмети, Петар Мазев…., како и ликовните уметници од странство: Златко Прица, Предраг Протиќ, Едо Муртиќ, Ѓорѓе Андревиќ-Кун, Љубо Лах, Предраг Тапи, Питер Кунинг…