Во галеријата МКЦ денеска, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Кризата Игра“ на Игор Станоески.
Игор Станоески, познат како Иги Ман, е мултимедијален автор, музичар, композитор-аранжер, текстописец, академски скулптор и продуцент. Роден е на 2.7.1986 во Скопје, завршува средно училиште за применета уметност на отсекот применето вајарство во „Лазар Личеноски“ – Скопје во 2004, дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот вајарство, во класата на Жарко Башески во 2013 година. По дипломирањето работи паралелно на уметнички истражувања во насока на спојување на класичните медиуми во мултимедијална целина, која опфаќа звук (музика), форма (скулптура), цртеж и боја. Првите интернационални референци ги добива во сферата на музиката и аудиовизуелните проекти, меѓутоа подоцна акцентот на неговото творештво се доближува кон традиционалните ликовни медиуми, како сликарството и вајарството, низ повеќе самостојни и групни изложби во земјава и надвор. Во 2017 година го официјализира своето творештво отворајќи ја фирмата „Креативна работилница ИГИМЕН“ со дејности, создавање и издавање аудиозаписи и креирање уметничко творештво.
Изложбата претставува внатрешно патување низ дефектите на сегашноста. Кризата како персонификација на механиката на хаосот наспроти хармоничната светлина. Струја за програмирање на колективот и истовремено алатка за кршење на индивидуализмот. Патот низ кризата е синтетизирано трансформиран во игра за оние што успеваат да ја преживеат.
Досега има изложувано во повеќето галериски простори низ Македонија, како и надвор од државата.