Традицијата на 28. декември друштвото на ликовните уметници на Кавадарци (ДЛУК) да ја организира својата годишна изложба продолжи и оваа година со што им се овозможи заедничко презентирање на најновите остварувања на своите членови од различни генерации.
Синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ беа презентирани дела на четиринаесет ликовни уметници и тоа: Кире Јосифов, Владимир Темков, Горан Боев, Ванчо Кеков, Диме Самарџиев, Лазар Дојчинов, Кире Мукаетов, Соња Самарџиева Попицов, Марина Убавкова, Роска Трајкова, Методи Јованов, Тодорка Пејовска, Стефанија Печкова и Томе Филов.
На отворањето на изложбата во своето обраќање директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова го потенцира податокот дека децении наназад последниот викенд од декември е најчестиот одбран датум за одржување на традиционалната ликовна изложба на уметниците членови на Друштвото на ликовните уметници на на Кавадарци. Но уште поважно е да се напомене дека најчесто оваа изложба претставувала најзначаниот културен настан од областа на ликовната уметност кој се случувал во домот на културата „Иван Мазов Климе“.
Оваа прекрасна традиција која ја негува најстарото друштво на ликовни уметници веќе четврта деценија продолжува и ја разубавува новогодишната атмосфера на градот Кавадарци и воедно е вистинскиот културен настан последен оваа година со кој може да се заокружи богатата културна програма на домот на културата изминативе дванаесет месеци.
Основањето на друштвото на ликовните уметници на Кавадарци е резултат на еден голем ентузијазам и визија на група млади ликовни уметници кои денес се афирмирани автори и претставуваат значаен дел од богатото миље на современи македонски ликовни уметници. Ова друштво како единствено најстаро друштво што успешно функционира во Кавадарци и неговите актуелни членови имаат задача да не дозволат да згасне . Ние како уметници дел од оваа друштво креираме и работиме на многу креатвни полиња, ние сме дел од Кавадарци а со тоа и самата наша уметност не може а да не биде дел од кавадаречката култура – рече во своето обраќање претседателката на ДЛУК, Соња Самарџиева Попицов.